Според него, политичките партии не можат да се однесуваат како репрезенти на готови ставови и позиции кај нивното гласачко тело. Посочува дека политиката и политичките актери имаат улога да ги конструираат и да ги трансформираат во исто време сопствените гласачи и она што го претставуваат како политички субјект
Ова е исклучително паланечко општество, полно со омраза и предрасуди. Вака Славчо Димитров, истражувач во Коалицијата „Маргини“, ги коментира наодите од истражувањето на невладината МЦМС кое покажа дека 81 отсто од испитаниците не сакаат припадник на ЛГБТИ-заедницата за сосед, 71 отсто не сакаат за сосед имигрант или странски работник, 77 отсто не сакаат ХИВ-позитивно лице, 52 проценти не сакаат за сосед Ром или лице со попреченост – физичка или ментална.
Димитров, во дебата во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, рече дека не е зачуден од тоа што во изминативе десет години нема никакви поместувања во ставовите на граѓаните.
„Македонското општество мора да се погледне во огледало и да го признае фактот дека е исклучително паланечко, насилно општество, полно со омраза и предрасуди. Во исто време, ја има другата димензија, во која има себевеличење како некакви борци и почитувачи на правдата и еднаквоста, што исто се гледа од овие истражувања. Ако 81 процент не сакаат да имаат во соседството лице кое е ЛГБТИ, истиот процент на луѓе сметаат дека нивните клучни вредности се еднаквост и правда на сите граѓани во општеството. Па дали некој овде е во делузија или имаме некоја друга збунувачка ситуација?! Јас мислам дека првото прашање е во игра“,
коментира тој.
Кога одговорите ќе се вкрстат со тоа чии симпатизери се испитаниците се доаѓа до податок дека 92,5 отсто од симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ се изјасниле дека не сакаат за сосед ЛГБТИ-лице. Кај поддржувачите на ДУИ, 88,3 отсто не сакаат ЛГБТИ-лице за сосед, а високи, 76,2 отсто нетолерантност има и кај членовите на СДСМ. Димитров посочува дека не само граѓаните, туку и партиите мора да преземат одговорност.
„Повеќе од две декади се соочуваме со ситуација во која сите политички партиии калкулираат и играат со овие прашања за стекнување на извесен политички капитал. Ги поларизираат граѓаните на голем дел од овие теми и добиваат политички поени или се обидуваат да ги зачуваат на овие прашања“,
вели Димитров.
Според него, политичките партии не можат да се однесуваат како репрезенти на готови ставови и позиции кај нивното гласачко тело. Посочува дека политиката и политичките актери имаат улога да ги конструираат и да ги трансформираат во исто време сопствените гласачи и она што го претставуваат како политички субјект.
„Ставовите на оваа популација не се паднати од небо, не им доаѓаат во гените. Ова се ставови што се изградени на резултат на политички истории и како такви се конструирани. Улогата на политичките актери е да преземат нешто“,
рече Димитров.
Инаку, истражувањето насловено „Толеранција и вредности на граѓаните“, е направено на база на репрезентативен примерок од 1 007 анкетирани испитаници. Во дебатата учествуваа соработничката на проекти во МЦМС, Наташа Димова, и универзитетската професорка Виолета Петроска-Бешка.