Во првото интервју на американскиот претседател Џо Бајден откако објави дека се повлекува од претседателската трка, тој се осврна на кампањата и коментарите на републиканскиот кандидат Доналд Трамп на неговите митинзи кои неретко предизвикуваат загриженост во јавноста
Американскиот претседател Џозеф Бајден не е убеден дека во Соединетите Американски Држави би се случила мирна транзиција на власта во јануари следната година доколку на претстојните избори, кои треба да се одржат во ноември годинава, републиканскиот кандидат Доналд Трамп изгуби од демократскиот кандидат и актуелен потпретседател на земјата, Камала Харис.
„Тој мисли што вели. Ние не го сфаќаме сериозно. Тој мисли така. Сите тие зборови дека ако изгубат, и дека ќе има крвопролевање оти ќе бидат украдени (изборите н.з)“,
рече Бајден за Си-би-ес.
Во неговото прво интервју откако на 21 јули објави дека ќе се повлече од претседателската трка и ја поддржа актуелната потпретседателка Камала Харис во нејзината кандидатура за претседателски кандидат од Демократската партија, Бајден се осврна и на коментарите и пораките кои Трамп честопати ги упатува од митинзите и собирите, за кои вели дека предизвикуваат сериозна загриженост кај јавноста и вознемирување кај американските граѓани.
„Погледнете што се обидуваат да направат во локалните изборни окрузи каде што луѓето ги бројат гласовите. Не можете да ја сакате својата земја само тогаш кога победувате“,
рече Бајден.
Тој се осврна на коментарот на Трамп за крвопролевање кој беше кажан од страна на републиканскиот кандидат на митинг во Охајо во март годинава, а кој предизвика контроверзии во американската јавност. Тогаш поранешниот претседател и сојузниците се правдаа дека тој коментар се однесувал исклучиво на економските последици од актуелната трговска политика на САД.
Во интервјуто за Си-би-ес, кое премиерно ќе се емитува в недела на 11 август, Бајден зборува и за тоа како и зошто ја донел одлуката да се повлече од трката и за иднината.