Ако ја пропуштиме шансата и влеземе во состојба на изолација, ние нема да може да се вклучиме на таа брза патека, туку ќе чекаме да созрее идејата и после декада и повеќе да седнеме и да ги направиме истите уставни измени, но после изгубени многу години заради политичари на кои им е важно како ќе поминат на следните избори и воопшто не им е важен интересот на граѓаните и на државата, вели Османи

Прашањето на уставни измени поврзани со европскиот процес е суштинска и неповторлива шанса за да влеземе во последната фаза пред членство во Европската Унија, порача денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи.
„Не сум сигурен дека ако ја пропуштиме оваа шанса нема да ги направиме истите уставни измени, меѓутоа повторно после 10 или 15 години, откако уште половина милион народ ќе отиде од државата и ќе се изгуби надежта за европска перспектива со сите последици што ги има“,
рече Османи.
Според него, сите последици ќе ги трпиме зашто некои политичари пресметале дека ќе добијат еден глас повеќе на избори.
„Тоа го видовме со прашањето со името, а дали ќе дозволиме и втор пат, тоа е прашање за кое треба да одлучиме сите. Поради геополитичките околности предвидувам дека ќе се овозможи забрзана патека за Балканот поради договорот Србија – Косово. Тоа го потврдуваат сите – дека има сериозно разбирање за важноста Балканот да се консолидира. Ако ја пропуштиме шансата и влеземе во состојба на изолација, ние нема да може да се вклучиме на таа брза патека, туку ќе чекаме да созрее идејата и после декада и повеќе да седнеме и да ги направиме истите уставни измени, но после изгубени многу години заради политичари на кои им е важно како ќе поминат на следните избори и воопшто не им е важен интересот на граѓаните и на државата“,
посочи Османи.
На прашањето како го коментира тоа што ниту една опозициска партија нема свои претставници во работната група и дали ќе има легитимитет тоа што ќе го одлучат тие, Османи рече дека сè уште има можност тие да бидат дел од работната група.
„Мислам дека сè уште има можност и шанса опозициските партии да бидат дел од процесот на уставни измени затоа што овој момент е неповторлив. И пред 15 до 20 години некој велеше ова е неповторлива шанса, кога имаше обиди да се направи договор за името со Грција. Навистина ова е шанса која е неповторлива затоа што изгубивме 20 години, изгубивме цели генерации и ја изгубивме шансата да бидеме во пакет со Словенија и Хрватска во Европската Унија зашто заедно почнавме. Ние неколку месеци пред Хрватска потпишавме Договор за стабилизација и асоцијација. Но, исто и тогаш политичари кои не размислуваа за идните генерации, туку за идните избори нè доведоа до ситуација да имаме договор со Грција, меѓутоа возот да е отиден. Тоа ќе ни се случи и сега доколку не научиме од лекциите од минатото“,
порача Османи.
Тој нагласи дека ако политичките партии кои имаат идеи и објективни предлози за промена на Уставот, се чесни, тие треба да бидат дел од процесот за уставни измени, инаку ќе се сфати дека е игра со граѓаните.
„Сметам дека е важно дебатата за уставни измени да биде во комисијата, а не во јавноста, бидејќи се губи целта на таа дебата. Треба да предложат членови во комисијата за таму да ги претстават своите идеи. Ако има расположение кое ќе го помогне процесот на уставни измени поврзани со европската рамка, добро, ако гледаме дека ќе се користат само како алиби за да се блокира процесот, лично, како министер за надворешни работи мислам дека треба да сме внимателни“,
посочи Османи.
Според него не е опција изјавата „Имам предлог, но не сакам да бидам дел од комисијата каде се даваат предлозите“.
„Ако зборувате со граѓаните и им кажете имам одредена идеја по однос на уставните измени, но не сакам да учествувам во процесот кој е предвиден за уставните измени, давате порака дека целта ви е да правите политика, да се обидете да добиете партиски и политички поени, но немате намера или да ги спречите или, пак, да ги помогнете уставните измени. Напротив, ваша цел е вашиот партиски интерес, следните избори. Токму тоа е точната дефиниција на таквиот пристап – имаме идеја, имаме желба, меѓутоа не сакаме да бидеме дел од процесот“,
потенцира Османи.
Тој вели дека европската идеја е гориво за прогресот на овој регион, но и лепакот за различните наративи кои живеат во оваа држава и ги држи заедно во една сплотена приказна.
Министерството за правда пред три дена ги објави членовите на работната група, предложени од партиите и институциите, која ќе ги подготвува уставните измени.
Членови на работната група предложени од партиите:
- Цветанка Иванова – СДСМ
- Арбер Адеми – ДУИ
- Ремзи Мехмеди – Алијанса на Албанците
- Соња Мираковска – НСДП
- Нано Ружин – ЛДП
- Христа Најданов – ДОМ
- Темелко Ристески – Партија на пензионери
- Раметула Куќи – ДПА
- Еран Куртиш – Партија за движење на Турците
- Бејџан Илјас – Демократска партија на Турците
Пристигнати предлози од институции:
- Александар Спасов – Кабинет на претседател на Република Северна Македонија
- Драган Тилев – Секретаријат за европски прашања
- Шпенд Садики – Министерство за надворешни работи
Експертите кои ќе бидат дел од работната група за подготовка на уставните измени, ќе бидат познати до крајот на неделава, информираат од Министерството за правда.
Од објавените имиња, видливо е дека опозицијата, како од македонскиот, така и од албанскиот политички блок, нема да учествува во работата за уставните измени со кои Бугарите ќе бидат внесени во Уставот, услов кој се наметна со прифаќањето на „францускиот предлог“ и стана дел од преговарачката рамка на Северна Македонија со Европската Унија.