„Во име на вистината, можам да потврдам, а многу скоро и со докази, дека голем дел од функционерите на поранешната владина коалиција СДСМ-ДУИ се среќавале во Будимпешта со господинот Никола Груевски“, рече премиерот

ФОТО: Фејсбук-профил на Христијан Мицкоски
Не сум се сретнал со Груевски, а доколку се сретнам за тоа ќе биде информирани. Ова е одговорот на премиерот Христијан Мицкоски, кој изминатите два дена со владина делегација беше во Будимпешта каде се одржа втората меѓувладина седница меѓу Северна Македонија и Унгарија.
„Водам политика на принципот – вистината е најточна. Јас секогаш кога нешто ќе се случи, тоа го кажувам и не го кријам. Нема што да кријам, совеста ми е чиста“,
рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање при неговата денешна посета на Општина Илинден.
Во одговорот Мицкоски излезе со обвинувања дека функционери од поранешната владина коалиција се среќавале со поранешниот премиер Груевски.
„Во име на вистината, можам да потврдам, а многу скоро и со докази, дека голем дел од функционерите на поранешната владина коалиција СДСМ-ДУИ се среќавале во Будимпешта со господинот Никола Груевски за којшто не дадоа искрен одговор. Јас ако би се сретнал, би дал искрен договор“,
рече Мицкоски.
Мицкоски во септември 2023 година го обвини својот претходник Никола Груевски дека е во тајна комуникација со Владата, со цел да се подели ВМРО-ДПМНЕ за да се протуркаат уставните измени. Оваа изјава Мицкоски ја даде во разговор за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ).
Тогаш Мицкоски рече дека Владата планира да му вети кривична неказнивост на поранешниот прмиер Никола Груевски кој побегна во Унгарија за да избегне затворска казна. Како што додава Мицкоски, Груевски треба да се врати и да помогне, со помош на неговите поддржувачи, уставните измени да поминат во Парламентот.
По ова, од Будимпешта се огласи поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, а сега бегалец во Унгарија, Никола Груевски, кој преку објава на својот фејсбук-профил го обвини актуелниот претседател на неговата партија, Христијан Мицкоски, дека имал тајна соработка и заеднички планови со претходниот лидер на СДСМ, Зоран Заев.
