Отворените граници не се ризик за влошување на епидемиолошката состојба, главниот ризик е локалната трансмисија, вели Филипче
Засега не се размислува за воведување на рестрикции на граничните премини или задолжителен ПЦР-тест, вели министерот за здравство Венко Филипче како одговор на прашањето дали може да се очекуваат реципрочни мерки откако Србија воведе мерка со која од 20 декември до 10 јануари во земјата ќе може да се влезе само со негативен ПЦР-тест.
„Засега не. Сметаме дека тоа е нешто што не е таков ризик. Еве, и сегашната ситуација е доказ дека отворените граници не се ризик за влошување на епидемиолошката ситуација, главниот ризик е локалната трансмисија и затоа мерките се така димензионирани“,
рече Филипче.
Тој апелираше во периодот на претстојните празници да се остане во кругот на најблиското семејство за да не дојде до појава на нови кластери.
„Луѓето не треба да се групираат и мора да останат во рамките на своето семејство. Дали ќе бидат тука во градот или во викендица. Гледавме на социјалните мрежи дека повеќе млади луѓе сакаат да заминат од градовите, а тоа значи ризик од појава на кластери, и оттука потекнува иницијативата тоа да се забрани. Луѓето нека се стрпат од излегување, и сега да не се излегува без потреба. За време на претстојните верски празници, слави и новогодишната ноќ да останат во рамките на своето семејство, затоа што видовме дека мини-кластери потекнуваат од групирања. Не постои можност да се влезе во домот, загарантиран е интегритетот согласно Уставот. Овој дел останува исклучиво на свеста на граѓаните и затоа апелираме да се почитуваат овие мерки“,
рече Филипче.
На вчерашната седница, Владата ги усвои новите мерки кои, меѓу другото, опфаќаат и забрана за давање под наем на викендици и други туристички капацитети, за групно собирање и организирање на прослави по повод претстојните новогодишни и верски празници, освен за давање под наем на лица од едно исто семејство.