Надлежните сметаат дека поради есенските месеци можно е влошување на состојбата и апелираат на почитување на мерките за заштита
Бројот на нови случаи со ковид-19 не се намалува, а во изминатава недела се движеше околу десет проценти од тестираните и во најголем дел на дневно ниво бројката беше трицифрена, со исклучок на вторникот кога од 1 618 тестирани беа регистрирани 88 нови случаи.
Надлежните сметаат дека поради есенските месеци можно е влошување на состојбата и апелираат на почитување на мерките за заштита за да не се воведуваат нови доколку таа драстично се влоши.
Неделава за ова предупреди и министерот за здравство Венко Филипче. Тој истакна дека на дневно ниво се зголемува бројот на заболени, за што, според надлежните, главна причина е и непочитувањето на мерките. Токму затоа, беше најавено и можно воведување нови рестрикции, а најмногу се размислува за задолжително носење маски на отворено, ограничување на бројот на лица на одредени места, но и засилени контроли и казни.
Главната причина за зголемување на бројката, според анализите на надлежните, е непочитување на мерките и тоа пред се групирање, семејни собири, прослави и свадби кои се забранети и слични настани, но и генерално опуштање на граѓаните.
Состојбата со коронавирусот неделава беше тема и на седницата на Советот за безбедност, кој заклучи дека пандемијата со ковид-19 и справувањето со неа и со последците што ги предизвикува останува најважен предизвик и во следните месеци.
Но според сегашните проценки, не се очекува развој на пандемијата што би имал влијание врз општата безбедност во земјата, заклучи Советот за безбедност на вчерашната седница.
