Во однос на повиците за оставка на претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска, пак, Билјана Каракашова-Шулев, во интервју за „Призма“ вели дека како членови не можат да говорат од позиција и во име на претседателката
Не се чувствуваме повикани да поднесеме оставки за постапки што се водат за индивидуална одговорност – вели заменик-претседателката и членка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Билјана Каракашова-Шулев, во врска со повиците за оставки на членовите на ДКСК откако претседателката на Комисијата. Татјана Димитровска, се најде меѓу осомничените за случајот „Адитив“.

Во однос на повиците за оставка на Димитровска, пак, Каракашова-Шулев во интервју за „Призма“ вели дека како членови не можат да говорат во име на претседателката.
„Свесни сме за сериозноста на ситуацијата и вложуваме максимални напори внатре во институцијата да ја надминеме, но истовремено мора да внимаваме и на пресумпцијата на невиност, која е загарантирана за сите граѓани вклучително и за избраните и именуваните лица. Во однос на повиците за оставка на претседателката, не можеме да коментираме во нејзино име и од нејзина позиција. Сметам дека таа лично треба да се произнесе во однос на тие повици. Во однос на прозивките за оставки од членовите на ДКСК, не се чувствуваме повикани да дадеме оставки за постапки што се водат за индивидуална одговорност“,
вели Каракашова-Шулев во интервјуто за „Призма“.
На прашањето дали како членови на ДКСК размислувале или веќе прават проверки на предметите што се сработени во периодот откако Димитровска е на чело на институцијата, Каракашова-Шулев вели дека нема потреба да се проверуваат одлуките што се донесени колективно на јавна седница на Комисијата.
„Во моментов цениме дека на оние одлуки што се донесени колективно од комисијата на јавна седница нема потреба да им правиме проверка затоа што и во моментов немаме подетални информации од оние што се објавени во јавноста. Конкретниот настан е во надлежност на правосудните органи и тие мора да го расчистат случајот, а ние во меѓувреме ќе работиме на внатрешни контролни и превентивни механизми. И двата предмета што досега беа одбиени од актуелниот состав на ДКСК поврзани со случајот ‘Адитив’ се донесени колективно на јавна седница од комисијата и се согласно законот и деловникот. Во изминатиот период презедовме мерки во институцијата, врз основа на она што се достапни информации за изречените забрани“,
вели заменик-претседателката на Антикорупциската комисија.
Таа додава оти ДКСК останува целосно функционална и посветена на исполнувањето на своите законски надлежности и покрај актуелната, како што вели, сериозна и загрижувачка ситуација.
Една недела откако беше осомничена во случајот „Адитив“, првата антикорупционерка Татјана Димитровска денеска по првпат се произнесе за случајот, притоа не наведувајќи дека би поднела оставка од функцијата.
Осврнувајќи се за улогата во случајот „Адитив“, во кој Обвинителството ја сомничи за оддавање службена тајна на еден од обвинетите, Димитровска вели дека комуникацијата со лицето за кое вели дека ѝ е семеен пријател, а кое подоцна било обвинето во случајот, се водела во период пред почетокот на постапката против него. Разговорите, како што рече, немале никаква поврзаност со предметот „Адитив“ чија истрага ја води ОЈО ГОКК.