Таа смета дека за кратко време ќе има посериозно стабилизирање на цените, за кое вели дека нема да биде со интервенции од Владата, туку „природно да дојде како резултат на одредени мерки коишто Владата ги презема“

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска вели дека цените на основните производи во февруари со тие од истиот месец минатата година не може да се споредуваат бидејќи тогаш важеле мерки на претходната влада.
Сега, како што вели таа, од 18 февруари има нови мерки, па не ни се соодветни за споредба периодите.
„Минатата година до крајот на февруари важеа мерки на претходната влада, а оваа година почнувајќи од 18 февруари стапија во сила новите мерки, па не ни се соодветни за споредба периодите. Но, сепак како влада остануваме посветени на изработка на една стратегија или еден правец кој ќе се работи потемелно на среднорочен период да не ни создава проблеми како сега“,
рече Димитриеска-Кочоска на денешната прес-конференција во Владата.
Според неа, растот на цените не е резултат само на она што се случува во трговијата и додава дека проблемот е многу поголем.
„Да не заборавиме, растот на цените не е резултат само на она што се случува во трговијата, имавме многу пати зголемување на цената на електричната енергија, либерализацијата на пазарот на електрична енергија направи одредени проблеми. Така што проблемот е многу поголем од она што изгледа. Владата посветено работи, секој министер во својот сегмент за надминување на проблемите што останаа од претходниот период. Како ги санираме, така и ги објавуваме, податоците одат во добра насока“,
додаде Димитриеска-Кочоска.
Таа смета дека за кратко време ќе има посериозно стабилизирање на цените, за кое вели дека нема да биде со интервенции од Владата, туку „природно да дојде како резултат на одредени мерки коишто Владата ги презема“.
Одговорот на министерката дека Владата „прави сè за граѓаните на крајот да можат да ги купат производите по пониски цени во маркетите“ доаѓа откако денеска Државниот завод за статистика (ДЗС) објави дека инфлацијата во февруари изнесува пет отсто и оти најголемо поскапување има кај прехранбените производи.
Според извештајот од ДЗС, трошоците за живот минатиот месец во однос на истиот месец лани бележат зголемување од 5 отсто, а цените на мало од 4,2 отсто. Во однос на јануари, трошоците за живот во февруари биле поголеми за 0,5 отсто, а кај цените на мало има намалување за 0,6 отсто.
Во февруари најголемо зголемување имало на цените на храната и безалкохолните пијалаци, и тоа на кафето, чајот и какаото, месото, овошјето, млекото, сирењето и јајцата.
Споредено, пак, со февруари минатата година, најголем скок од 19,1 отсто има кај цените на кафето, чајот и какаото, а цените на безалкохолните пијалаци, минералната вода и сокови од овошје и зеленчук пораснале за 15,8 проценти.
