„Тие не можат еден затвореник да го пренесат од точка А до точка Б во Скопје, а не, пак, Македонија да ја однесат во ЕУ. Така што, еден општ хаос како на Дивиот Запад ни се случува“, рече Мицкоски и уште еднаш побара предвремени парламентарни избори за, како што рече, да завршат срамовите што ни се случуваат
Не можат еден затвореник да пренесат од точка А до точка Б во Скопје, а не, пак, Македонија да ја однесат во Европската Унија. Вака лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го коментира синоќешното филмско бегство на затвореник од комбе на затворот „Идризово“, кој притоа го ранил затворскиот полицаец што го управувал возилото.

За време на посетата на Вевчани, Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања, кажа дека бегството на затвореникот се случува во истиот ден кога премиерот Ковачевски и неговиот коалициски партнер во Владата Али Ахмети ги убедуваат граѓаните оти ќе ја однесат земјава во ЕУ.
„Тие не можат еден затвореник да го пренесат од точка А до точка Б во Скопје, а не, пак, Македонија да ја однесат во ЕУ. Така што, еден општ хаос како на Дивиот Запад ни се случува и колку побргу имаме предвремени избори и колку побргу дојдат други луѓе толку побргу ќе завршат овие срамови што ни се случуваат“,
изјави првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ.
Опозицискиот лидер додаде дека не само поради ова бегство на затвореник туку поради многу други причини граѓаните на земјава се небезбедни.
Министерството за правда преку писмено соопштение денеска информира за синоќешното бегство на осуденик од комбе на затворот „Идризово“ во кое е ранет припадник на затворската полиција.
Според соопштението, синоќа во 23:20 часот, додека припадници на затворската полиција со службеното возило на КПУ „Идризово“ го спроведувале 36-годишниот затвореник со иницијали Б.М. од затворот во Ургентниот центар „Мајка Тереза“, заради укажување на лекарска помош поради повреда на десната рака, кај бензинската пумпа на „Лукоил“ на автопатот кон Скопје, биле пресретнати од возило марка „ауди“ со сива боја, кое им го блокирало патот.
Затвореникот во тој момент му го одзел пиштолот од футролата на затворскиот полицаец И.Х. кој го управувал комбето, пукал во него и го ранил во долниот дел на стомакот. По пукањето, тој се дал во бегство со патничкото возило „ауди”.
Управата за извршување санкции, која е под надлежност на Правда, ќе ги испитува пропустите што довеле до настанот, како и дали постои одговорност за организацијата на спроведувањето на затвореникот.