Ние ги сметаме за одговорни оние што ја злоупотребуваат јавната доверба за лична корист, вели американската амбасадорка и додава дека сите институционални и законодавни реформи кои ја зајакнуваат борбата против корупцијата ќе бидат добредојдени не само од меѓународната заедница, туку и од сите граѓани на земјава
Амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер, во изјава за Радио Слободна Европа (РСЕ) вели дека не коментира предлог-законски решенија, но дека ги поздравува и силно ги поддржува напорите за истраги на наводни коруптивни и криминални активности на лица од земјава.

Нејзиниот коментар е во врска со најавените измени на Законот за рестриктивни мерки кои предвидуваат санкции за лицата и фирмите кои ќе се најдат на американската и британската „црна листа“.
„Ние ги сметаме за одговорни оние кои ја злоупотребуваат јавната доверба за лична корист. Јас претпоставувам дека институционални и законодавни реформи кои ќе ја зголемуваат транспарентноста и ја зајакнуваат борбата против корупцијата ќе бидат добредојдени не само од меѓународната заедница, туку и од сите граѓани на Северна Македонија“,
вели амбасадорката Агелер за РСЕ.
Откако американската „црна листа“ минатата година се прошири со неколку имиња на бизнисмени, поранешни и актуелни функционери од земјава, неодамна беа предложени законски измени со кои се предлага токму листата на санкции на САД, но и онаа на Обединетото Кралство, да бидат основа за воведување санкции на лица во земјава. Со законските измени, корупцијата и злоупотребата на службената должност ќе станат дополнителни основи за воведување рестриктивни мерки.
На т.н. „црна листа“ на американскиот Стејт департмент минатата година се најдоа и имињата на ексвицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓучев, бизнисменот Орце Камчев, бизнисменот Сергеј Самсоненко, струшкиот градоначалник Рамиз Мерко. На оваа листа тие им се придружија на експремиерот Никола Груевски и на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.