Обединетите нации го демантираа потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, кој денеска на прес-конференција, повикувајќи се на нивни податоци, рече дека нашата земја е ставена во групата држави кои немаат јасни ограничувања во однос на приемот на лица од други земји и дека мерките за превенција од коронавирусот на граничните премини не се доволно рестриктивни.
Неколку часа подоцна Обединетите нации излегоа со демант и им порачаа на политичките партии да не го вклучуваат нивното име во политичките дускусии.
„Организацијата на Обединетите нации нема издадено никаква проценка на владини мерки поврзани со пандемијата предизвикана од новиот корона вирус COVID-19. Ги молиме сите политички партии во Северна Македонија да не го вклучуваат името на Обединетите нации во политичките дискусии”,
пишува во реакцијата.
Со реакција излегоа и од СДСМ од каде порачаа дека демантот од Обединатите нации е “доказ дека ВМРО-ДПМНЕ шири лажни вести”.
„Tоа е вистинското лице на ВМРО-ДПМНЕ, неодговорно, несериозно, лажно, на штета на државата, на штета на граѓаните, на штета на најсветото нешто – здравјето”,
порачаа од СДСМ.