Караџовски вели дека состојбата со ковид-19 е стабилизирана, но со широко распространета инфекција насекаде во државата. Затоа, вели, мора да се почитуваат мерките, за оваа моментално подобрена состојба да не се влоши
Патувањата не се лимитирани, ако е одговорно славењето на Нова година тоа може да биде каде било во државата, вели првиот човек на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски, на прашањето дали е во ред тоа што за претстојните празници наголемо се нудат и изнајмуваат викендици и хотели, каде што може да дојде до групирање и ширење на вирусот.
„Зборуваме за фамилијарна прослава каде што едно семејство ќе биде присутно во еден објект, дали ќе се вика Берово, Охрид или каде било, на што не можеме да влијаеме, кој каде ќе ја прослави Новата година, дали во Скопје или во Берово. Патувањата не се лимитирани, прославата на Нова година, доколку е одговорна, може да биде каде било во државата. Доколку е одговорно прославувањето и почитувањето на мерките, во домашни услови, со луѓе што ги познавате и луѓе што и досега ги почитувале мерките за заштита. Не е добро да се групираат луѓе и целта на овие мерки е да се избегнат групирања на поголеми групи луѓе. Ние сме свесни за време на новогодишните празници, но и за верските прослави, како домашни слави, дека може да се соберат поголем број луѓе, дури и да се направи мини-свадба каде што луѓе се собираат со позитивна енергија да слават, а тоа може да прерасне во кластер“,
вели Караџовски.
Караџовски вели дека состојбата со ковид-19 е стабилизирана, но со широко распространета инфекција насекаде во државата. Затоа, вели, мора да се почитуваат мерките, за оваа моментално подобрена состојба да не се влоши.
„Не е во ред оваа моментално подобрена состојба, со намалување на 11,4 отсто од вкупниот број позитивни лица во последните 15 дена, да ја расипеме“,
нагласи Караџовски.
На истото прашање за ризикот од собири по вили и викендици, премиерот Зоран Заев рече дека не е важно каде ќе се слави сѐ додека нема групирање. Тој посочи дека неприкосновеноста на домот е уставна категорија и за собирите по дома нема механизам за контрола, па останува на одговорноста на граѓаните.
„Не ги ограничуваме граѓаните да празнуваат, туку да не се групираат. Дали ќе славиме дома или ако некој закупи вила и остане во рамки на своето семејство, тоа е како дома, важно е да нема групирање. Не ги ограничуваме граѓаните да празнуваат, да одат на село, во Берово, во Маврово, Охрид, Дојран, Преспа или други туристички места, но и таму дефинитивно угостителските објекти нема да работат по 18 часот, достава на храна може да има. Регулирано е дури и во хотелите, граѓаните ќе бидат во своите соби, рестораните во хотелите ќе работат до 21 часот, после тоа е забрането. Таму и претходно важат мерките за исполнетост на не повеќе од 30 отсто од капацитетот и други протоколи кои се во сила. Мерките се јасни и прецизни, но останува на одговорноста. Апелираме на одговорност“,
рече Заев.
Тој апелираше сите функционери да покажат пример и одговорно однесување за време на прославите.
„Јас ќе бидам во мојот дом со сопругата и децата, и до сите функционери испраќам директна препорака да бидеме пример за почитување на мерките, затоа што само така нашиот народ ќе ги следи позитивните примери“,
рече Заев.