И пратениците и пратеничките, како што додаде претседателката, мора да бидат одмерени и да внимаваат на зборовите во парламентот. Особено, како што рече, жените треба да внимаваат кога е во прашање друга жена
Во меѓувреме, опозицискиот СДСМ ја обвини претседателката дека ја одмолчила, како што рекоа од партијата, отворената дискриминација кон жена пратеничка во Собранието. Наместо осуда за изјавата на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска кон пратеничката Славјанка Петровска, додаваат од СДСМ, претседателката се задоволила со блага и беспомошна констатација оти не е лошо човек понекогаш да се извини
Не е лошо човек да се извини – вели претседателката Гордана Сиљановска-Давкова прашана за коментар за вербалниот судир помеѓу министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и пратеничката Славјанка Петровска за време на седницата за пратенички прашања во Собранието минатиот четврток.

Претседателката одговараше на новинарски прашања при нејзиното учество на националната конференција „Заедно сме посилни“. Во контекст на темата, рече дека во Собранието треба да се мерат зборовите.
И пратениците и пратеничките, како што додаде претседателката, мора да бидат одмерени и да внимаваат на зборовите во парламентот. Особено, како што рече, жените треба да внимаваат кога е во прашање друга жена.
„Не е лошо човек да се извини, не е лошо човек да рече дека можеби перцепцијата не е таква каква што требало да биде, намерата не била лоша намера, тоа мислам дека ќе доведе до надминување на ваквите проблеми“,
изјави претседателката во одговор на новинарско прашање.
Во меѓувреме, опозицискиот СДСМ ја обвини претседателката дека ја одмолчила, како што рекоа од партијата, отворената дискриминација кон жена пратеничка во Собранието. Наместо осуда за изјавата на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска кон пратеничката Славјанка Петровска, додаваат од СДСМ, претседателката се задоволила со блага и беспомошна констатација оти не е лошо човек понекогаш да се извини.
„Оваа изјава не е ниту осуда ниту порака за заштита на жените од дискриминација – напротив, тоа е релативизирање на проблемот и обид да се заташка скандалот. Од Сиљановска очекувавме да ја покаже истата жестина во одбрана на женските права каква што покажуваше пред изборите, но очигледно дека тогашната борба била само празна реторика за политички поени. Каде е сега борецот за женски права Гордана Сиљановска? Ако дури и претседателката не смета дека една ваква навреда заслужува јасна и силна осуда, тогаш таа го губи секој кредибилитет да зборува за родова еднаквост и заштита на жените“,
велат од опозициската партија.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска деновиве е во фокусот на јавноста по нејзиниот настап во Собранието за време на седницата за пратенички прашања во четвртокот, кога влезе во вербален судир со пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска. Поставувајќи прашања, Петровска се осврна на неодамнешните изјави на министерката за цените на храната, како грашокот од конзерва и количината на млеко што треба да ја консумира едно семејство. Наместо да одговори, министерката за финансии ја нападна Петровска на лична основа за нејзината семејна состојба.
Подоцна, министерката рече дека никогаш немала намера да ја навреди пратеничката Славјанка Петровска и оти нејзината изјава била извадена од контекст, додавајќи оти оваа тема за неа е затворена.