Викенд. За граѓаните – повик да излезат од дома. За кафулињата – „аларм“ да се премести некоја маса плус надвор. За една група активисти – знак да извадат гребла, ракавици и метли и да го ослободат Скопје од наталожената „шминка“ од пикавци, конзерви, шишиња, па и делови од мебел и градежен шут.
Името на групата е „Не биди ѓубре“.
„Никој од нас не е платен за ова. Доброволно го работиме и сакаме да ја подигнеме свеста на народот и на населението дека не треба секаде да фрла ѓубре, дека треба да си го собираат со нив, да си го стават во одреден контејнер итн. Не е наша примарна улога нешто да исчистиме, не е тоа наша работа туку да ја подигнеме свеста народот да не фрла секаде каде ќе стигне. Тоа е примарно што сакаме да го направиме“, вели Баки Шакировски, активист на „Не биди ѓубре“.
Неформалната група првпат се собра минатото лето. Кога социјалните мрежи се полнеа со коментари за ѓубрето во Клиничкиот центар, овие активисти го искористија истиот медиум за да договорат чистење.
Сега меѓу нив има актери, спортисти, правници, новинари. За овој викенд го одбраа просторот околу МТВ, каде се канцелариите за документи на МВР, а на само неколку стотини дирекцијата на Јавното комунално претпријатие „Комунална хигиена“.
„Не знам што прават надлежните. Не знам ниту имаме ли надлежни. Има толку многу ѓубре, што навистина се прашувам дали постојат служби кои се занимаваат со таа тема?! Сериозно. Особено за денешнава акција јас сум во една состојба на шок. Даден простор, како овој тука пред МВР, да може да си дозволи институцијата толку да биде запоставен, за мене е непоимливо“, вели Ирена Ристиќ, актерка и активистка на „Не биди ѓубре“.
Мисијата на „Не биди ѓубре“ веќе е инспирација и за други организации.
„Денеска ја искористив можноста да им се приклучиме како организација, како „Амбрела“ со одредени наши членови – волонтери. Акцијата е супер, времето е убаво, исчистивме доста ѓубре, за жал, меѓутоа се надевам дека полека, полека и свеста кај нас како граѓани ќе се подигне на повисоко ниво“, вели Љатифа Шиковска од Центар за интеграција „Амбрела“.
Работата тој ден траеше околу 3 часа. Енергија за нов потфат дава сликата потоа и покрај обесхрабрувачките моменти, како коментарот на дежурниот полицаец, кој се обиде да објасни дека ѓубрето го донел ветер што дувал претходната ноќ.
Во изминативе осум месеци, активистите на „Не биди ѓубре“ низ главниот град исчистија повеќе од 50 локации. Со оглед на тоа дека се работи за локации раштркани низ целиот град и притоа се доста видливи, логично е прашањето – што за тоа време прават надлежните?
Градот се чисти редовно, согласно можностите. Така вели директорот на „Комунална хигиена“, кој признава дека состојбата е далеку од идеална, но и смета дека оценките на активистите се престроги.
„Морам да кажам дека имаме голем недостиг на комунални возила, на лица вработени во секторот оператива – метачи, работници за собирање, возачи на комунални возила, меѓутоа излегуваме на крај. Ние само во текот на 2018 г. исчистивме вкупно 5000 м3 диви депонии во градот Скопје, што за последните десет години не е толку исчистено. „Комунална хигиена“ може да ја заврши својата работа преку прва, втора или трета смена, но не можеме ние да дежураме каде граѓаните ќе го фрлаат отпадот“, вели Абдусамед Шабани, директор на ЈКП „Комунална хигиена“ – Скопје.
Додека „Комунална хигиена“ е задолжена да ги чисти последиците, друга институција е одговорна да ги спречи причините за депониите низ Скопје –инспекторатот на Град Скопје. На население од над 600,000 жители тие се борат со само 28 лица – осум комунални инспектори, четворицата инспектори за животна средина и шеснаесетте комунални редари.
Главниот инспектор, кој е на функцијата од пред шест месеци, вели дека се обидува да ги подобри работите и со таа бројка.
„Мајндсетот на инспекторите го менуваме. Во однос на постапување немаме веќе дали сме надлежни или не сме. За тема што сите не’ засега, секој е надлежен! Доколку не е надлежен, согласно закон и записник, ќе се пренесе надлежноста до таа институција што е надлежна и што треба да постапи. Со моето доаѓање тука, целиот склоп почнавме да го менуваме од воведување на втори и трети смени, секојдневни дежурства, 24 часовни дежурства. Имаме проблеми во градов, но полека се решаваат тие проблеми“, вели Мирослав Богдановски, главен инспектор во Град Скопје.
Но, вистинското решение Богдановски го гледа во воведување нова служба – „комунална полиција“.
„Ќе може да казнува погрешно паркирање, ќе може да реагира при палење на јавна површина, доколку некој исфрла градежен или комунален смет. Значи, надлежностите на комуналната полиција ќе бидат доста големи и тоа е алка која ни недостасуваше во градот Скопје. Правиме измена и дополна и на Законот за јавна чистота, каде нема да може фрлање на пикавец да биде 50 евра, и исфрлање на камион со градежен шут исто 50 евра“, вели Мирослав Богдановски, главен инспектор во Град Скопје.
За комунална полиција и повеќе инспектори се залагаат и активистите. Заедно со повисоки казни за оние на кои им е тешко ѓубрето да го фрлат во канта.
“Тој што непрописно фрла ѓубре, почнувајќи од пикавец до несовесно фрлање во и до контејнер – материјално да биде казнет 1000 – 1500 евра, да има општествено полезна работа од месец и пол. И таа една друга алка – ако ја пишеш казната тој ќе најде некого во општина и ќе се јави… е за нив дупла да биде казната! Значи 3000 евра со 3 месеци општествено корисна работа! Значи тој систем – „имам човек, ќе ја скине казната“, тоа мора да престане“, вели Ристиќ.
На комунална полиција и на повеќе инспектори веројатно ќе се почека подолго време. До тогаш останува полни раце работа и за комуналните служби и за активистите. „360 Степени“ направи своја мала инспекција на повеќе градски локации. Сликата е поразувачка – без малку секоја населба има своја мини депонија. Не ги направиле ниту комуналните служби, ниту активистите, а особено не ветрот. „Не биди ѓубре“!
Напишете коментар