Од МВР информираат дека досегашниот министер во техничката влада Панче Тошковски му ја предал должноста на Буши, кој ќе раководи со Министерството за внатрешни работи до почетокот на функционирање на новиот владин состав, поточно до именувањето на новиот министер за внатрешни работи

Од денеска до изборот на нова влада со Министерството за внатрешни работи (МВР) ќе раководи досегашниот заменик-министер Назим Буши.
Од МВР информираат дека досегашниот министер во техничката влада Панче Тошковски му ја предал должноста на Буши, кој ќе раководи со Министерството за внатрешни работи до почетокот на функционирање на новиот владин состав, поточно до именувањето на новиот министер за внатрешни работи.
Досегашниот министер Панче Тошковски, преку објава на својот фејсбук-профил, информира дека неговиот мандат како министер за внатрешни работи во преодната влада за спроведување на избори на пратеници завршил откако вчера Државната изборна комисија ги објави конечните резултати од парламентарните избори 2024 година.
Тошковски во објавата истакнува дека додека бил министер, во изминатите четири месеци, со тимот функционирале транспарентно и одговорно, секогаш со целосна посветеност на потребите на граѓаните и државата.
„Посакувам што поскоро да се формира новата влада, за да можат државните институции да профункционираат со целосен капацитет. Потребни се итни и темелни реформи кои се неопходни за Македонија што поскоро да се стабилизира и да го продолжи својот раст и развој. Верувам дека со заеднички напори можеме да создадеме подобра и поквалитетна иднина за сите нас“,
пишува Тошковски во објавата.