НАТО потпиша договор вреден 1,1 милијарда евра за артилериска муниција од 155 милиметри, соопшти денеска Алијансата, а дел од гранатите ќе ѝ бидат доставени на Украина по поплаките дека недостигот на муниција ги попречува нејзините воени напори
НАТО денеска соопшти дека не гледа непосредна воена закана од Русија за ниту една членка на Алијансата, но дека продолжува да ја осигурува територијата од закани со најголемата вежба во последните децении, која ќе започне кон крајот на оваа недела. Според претходните најави, на вежбата треба да учествуваат околу 90 000 војници.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, им рече на новинарите во Брисел дека НАТО го прави тоа за силите да бидат подготвени да ја отстранат секоја можност за погрешно проценување или недоразбирање во Москва за нашата подготвеност да го заштитиме секој милиметар од територијата на НАТО.
„И сè додека го правиме тоа, нема има напад на територија на НАТО“,
рече тој.
НАТО потпиша договор вреден 1,1 милијарда евра за артилериска муниција од 155 милиметри, соопшти денеска Алијансата, а дел од гранатите ќе ѝ бидат доставени на Украина по поплаките дека недостигот на муниција ги попречува нејзините воени напори.
„Војната во Украина стана битка на муниција“,
изјави генералниот секретар на НАТО по церемонијата на потпишување во седиштето на алијансата во Брисел.
НАТО склучи договор во име на неколку сојузници кои или ќе ги проследат гранатите во Украина или ќе ги користат за снабдување на сопствените резерви, кои се значително исцрпени. Купувањето на големо обезбедува пониски цени.
Со договорот најверојатно ќе се купат околу 220 000 парчиња артилериска муниција, а првите испораки се очекуваат на крајот на 2025 година, изјави претставник на НАТО за Ројтерс. Според извор од индустријата, муницијата ќе биде испорачана од францускиот производител на оружје „Некстер“ и од германскиот „Јунганс“.