Со едноминутен молк пред полициската станица, граѓаните го искажаа незадоволството од ненавременото постапување за да се спречи катастрофата, а потоа пред Основниот суд и Основното јавно обвинителство побараа информации за досегашната истражна постапка
Со натписи „Нашите ангели заслужуваат правда“, „Стоп за селективна правда“, „Ова не е несреќа, ова е убиство“, семејствата на загинатите во трагичниот пожар во т.н. кабаре „Пулс“, денеска во Кочани, под мотото „Задоцнета реакција“, го одржаа вториот протестен марш.

Учесниците на маршот тргнаа од Паркот на револуцијата во 12 часот и 5 минути, со што го искажаа незадоволството од задоцнетата реакција на надлежните институции, како една од причините за големата трагедија.
Колоната од неколку стотини граѓани помина во трговскиот центар во градот, кратко задржувајќи се пред кафе-барот чиј сопственик го имаше и т.н. кабаре, а оттаму се упатија пред зградата на Општина Кочани, каде што се наоѓаат и просториите на Државниот пазарен инспекторат.
Со едноминутен молк пред полициската станица, граѓаните го искажаа незадоволството од ненавременото постапување за да се спречи катастрофата, а потоа пред Основниот суд и Основното јавно обвинителство побараа информации за досегашната истражна постапка.
„Бараме отчет за сработеното“,
беше единствената гласна порака што ја извикуваа пред Обвинителството, која беше испишана и на еден од транспарентите.
Граѓаните на маршот најавија дека ваквите протести ќе продолжат сѐ додека не се откријат и казнат виновниците за трагичниот настан.