На средбата со евроамбасадорот, новоизбраната претседателка на државата рекла дека и покрај високото ниво на подготвеност на македонската администрација и насобраното искуство, напредокот во исполнувањето на критериумите трпи поради политички околности и потези за кои се одговорни и одредени земји членки на ЕУ
Местото на нашата држава е на иста маса со европските земји со кои нè обединуваат историски, културни и морални традиции, рекла новоизбраната претседателка на државата Гордана Сиљановска-Давкова на средбата со шефот на Делегацијата на Европската Унија, Дејвид Гир.

Шефицата на државата, која денеска на вториот ден од преземањето на функцијата го прими Гир во работната резиденција на Водно, се заблагодарила за честитките од челниците на Европската Унија по повод нејзиното стапување на функцијата.
Таа, како што соопштија од нејзиниот кабинет, изразила подготвеност за целосна соработка со Делегацијата на Европската Унија во Скопје во однос на пристапниот процес на државата. Во тој контекст, таа го истакнала значењето на делегацијата како своевиден координатор на активностите на Унијата во земјава.
„Претседателката Сиљановска-Давкова посочи на потребата за напредок во процесот кон членство во Европската Унија, како стратешка цел на државата и определба на мнозинството од македонските граѓани. Нашата иднина, според претседателката Сиљановска-Давкова, несомнено е во Европската Унија, а местото на нашата држава е на иста маса со европските земји со кои нѐ обединуваат историски, културни и морални традиции и вредности“,
се вели во соопштението од кабинетот на Сиљановска-Давкова.
Претседателката на средбата со Гир посочила и на нејзината подготвеност да придонесе во градењето единство за прашања од национален и државен интерес, како и во обезбедувањето политички и општествен консензус во однос на реформската агенда и усвојувањето на закони за кои е предвидено европско знаменце, со цел, како што посочила, да се избегне негова злоупотреба, што беше нотирано и од самата ЕУ во изминатиот период.

На средбата со евроамбасадорот, Сиљановска-Давкова рекла дека и покрај високото ниво на подготвеност на македонската администрација и насобраното искуство, напредокот во исполнувањето на критериумите трпи поради политички околности и потези за кои се одговорни и одредени земји членки на ЕУ.
Во овој контекст, таа посочила на потребата од враќање на вербата во мериторен процес на интеграција, со фокус на исполнување на Копенхашките критериуми, се вели во соопштението за средбата од нејзиниот кабинет.
Сиљановска-Давкова во неделата беше и официјално инаугурирана како шести претседател на државата и истиот ден ја презеде функцијата од нејзиниот претходник Стево Пендаровски, кој ѝ беше противкандидат во трката за шеф на државата.