Иако лансирањето на ракетата беше закажано за 14 часот и 30 минути, технички проблеми го прекинаа одбројувањето
Најмоќната вселенска ракета денеска требаше да полета од вселенскиот центар „Кејп Канаверал“ околу 14:30 часот по македонско време, но поради технички проблеми лансирањето беше одложено.
Одбројувањето до полетување запре на приближно 40 минути пред определеното време за лансирање на ракетата.
Американската вселенска агенција наведе дека причина за откажувањето на лансирањето е проблем откриен во еден од главните мотори на ракетата откако тимовите почнале да ги полнат резервоарите со суперладен течен кислород и водород кој оваа ракета го користи како гориво.
Претходно од НАСА соопштија дека доколку полетувањето на „Артемис 1“ денес биде одложено, поради која било причина, 2 и 5 септември се алтернативни датуми за лансирање.
Ракетата „Space Launch System“, висока 98 метри, е најмоќната ракета што НАСА некогаш ја конструирала, објави АП.
„Артемис 1“ е програма за човечки вселенски летови што ја предводи НАСА и чија цел е да се вратат мисиите на Месечината откако последен пат таму беа испратени 12 астронаути во рамки на програмата „Аполо“ пред половина век.