Германското федерално обвинителство соопшти денеска дека постојат индиции дека напаѓачот кој синоќа уби девет лица во барови во Ханау, на 20 километри од Франкфурт, имал ултрадесничарски мотиви и поради тоа се води истрага за тероризам.
„Врз основа на она што досега го знаеме, постои ксенофобична основа поради која тој ги извршил нападите“, изјави Петер Беут, министер за внатрешни работи на сојузната покраина Хесен.
Полицијата соопшти дека верува оти напаѓачот се вратил дома по нападот и се застрелал.

Во меѓувреме весникот „Билд“ објави дека мажот што го идентификува како 43-годишен германски државјанин Тобијас Р. оставил проштално писмо во кое изразува екстремни десничарски погледи.
Наводно се работи за видеопорака во која презема одговорност за нападот.
Германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас предупреди денеска дека терористичкиот напад е доказ дека десничарскиот тероризам повторно станува закана за државата.
„Ако се потврди сомневањето, тогаш ова злосторство е трет десничарски екстремистички напад во Германија за само една година“, нагласи Мас во изјавата за германските медиуми.

Нападите се случија синоќа околу 22 часот по локално време. Напаѓачот прво влегол во наргиле-барот „Миднајт“ во центарот на Ханау, каде што според сведочењата на очевидци се слушнале десетици истрели. Потоа со автомобил со темна боја тој заминал во населбата Кеселштад и извршил напад во барот „Арена“.
Според медиумите, во неговиот автомобил било пронајдено оружје за кое тој поседувал дозвола.
Агенцијата ДПА повикувајќи се на извори од полицијата објави дека поголем дел од жртвите се со странско потекло, но не е прецизирано дали биле странски државјани.
Турската Влада веќе објави дека некои од загинатите биле турски државјани.