Иако вчера беше најавено дека имунизацијата со руската вакцина „спутник В“ веројатно ќе почне со лицата кои се згрижени во старските домови, сепак, паднала одлука таа да биде употребена за здравствените работници. Причина за тоа е зголемениот број заразени. Тоа ја наметнува потребата за зголемување на капацитетите на ковид-центрите а со тоа и на персоналот што ќе се грижи за ковид-пациентите.
„Поради проширувањето на ковид-капацитети и актуелната состојба, вакцинацијата продолжува со здравствените работници коишто се под висок ризик за добивање на ковид-инфекција, од сите институции во државата“,
велат од Министерството за здравство за „360 степени“.
Претходно, планот беше „спутник В“ да се користи во старските домови.
„Веројатно дека ќе бидат постарите лица, сега има и некои мислења во однос на тоа дали да се почне со старските домови и со луѓето што се сместени таму или со дел од кадарот, така што дефинитивно денеска ќе го знаеме тоа“,
изјави вчера министерот за здравство Венко Филипче.
Во неделата во земјава пристигнаа и 3 000 дози од руската вакцина од вкупно нарачани 200 000 дози (за 100 000 луѓе). Тие се чуваат на минус 20 Целзиусови степени и се сместени во поликлиниката „Јане Сандански“ во скопски Аеродром.

Втората доза од овие 3 000 вакцини, како што рече вчера Филипче, треба да пристигне најдоцна за три недели, што е обврска која ја презела и руската компанија.
Првичните најави беа дека вакцинацијата со „спутник В“ ќе почне утре (среда).
Во земјава во моментов се користи само вакцината од „Фајзер“, односно 8 000 дози што ги добивме како донација од Србија. Со нив се вакцинираат здравствените работници кои што работат во ковид-центрите, а според последните податоци, вакцинирани се нешто помалку од 4 000.
Покрај разликата во условите за чување на вакцините, онаа на „Фајзер“ се чува на – 70 степени, има разлика и во пакувањето. Од раствор во едно шишенце кај оние на „Фајзер“ се вадат шест дози, а кај „спутник В“ една.
„Станува збор за замрзнат раствор, тоа значи дека за разлика од Фајзеровата вакцина која што се раствораше и од една вијала се вадеа шест дози, ова е една вијала за од 0,5 мл за еден корисник на вакцината. Во однос на вакцинацијата има упатство за претпазливост само кај трудници и доилки и никаква друга контраиндикација“,
изјави Филипче по пристигнувањето на руската вакцина во неделата.