Оваа година е овозможено бесплатната вакцинација против сезонски грип на здравствените работници првпат да се спроведува во нивните матични установи, наместо како досега, тие да треба да одат во центрите за јавно здравје (ЦЈЗ), соопшти Министерството за здравство.
Бесплатно ќе може да се вакцинираат сите вработените во државните здравствени установи кои пројавиле интерес.
„На овој начин, вакцината ја направивме подостапна за сите здравствени работници, како една од ризичните категории, чија заштита во услови на ковид-19 пандемија е многу значајна. Во првата испорака до установите се обезбедија 2 790 вакцини. Во најбрз рок ќе бидат испорачани и дополнителни количини поради големиот интерес помеѓу здравствените работници“,
велат од Министерството за здравство.
Од Министерството нагласуваат дека оваа сезона од особена важност е вакцинацијата против грип кај здравствените работници бидејќи тоа ќе го намали заболувањето во фелата, која е од суштинско значење во борбата со коронавирусот.