Од мерките на олабавување, кои може да се очекуваат од 21 јануари, е само онаа за продолжување на работното време на угостителските објекти до 21 часот
Намалувањето на бројот на заразени и на хоспитализирани делумно се должи на почитување на мерките, а делумно и на тоа што веројатно бројот на заразени е поголем од детектираните и тие се главно асимптоматски, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
„Многу работи за вирусот видовме дека не знаеме и дека огромен дел од тоа што доаѓа се претпоставки. Дел се остварија, дел не. Во таа смисла, намалувањето на заразените е делумно поради почитување на мерките – угостителските објекти не работат, нема групирања и тоа се главни работи за намалување на преносот. Има и една епидемиолошка претпоставка дека има поголем број заразени од тие што се детектираат на дневно ниво и кои се асимптоматски и тоа не е случај само кај нас“,
рече Филипче одговарајќи на новинарско прашање.
За тоа дали кај нас има мутации на вирусот, Филипче вели дека од летото досега во лабораторијата на МАНУ се детектирани 6-7 соја, со мутации како што биле и во Британија, но не се работи за истиот сој, туку за сосема различен, кој е откриен уште во Србија и во Швајцарија.
Тој вели дека ситуацијата, каква што е сега, е оптимистичка, но имајќи ги предвид ситуациите во повеќе земји, никогаш не се знае дали таа ќе се влоши.
Од мерките на олабавување, кои може да се очекуваат од 21 јануари, е само онаа за продолжување на работното време на угостителските објекти до 21 часот и евентуално ќе се следи дали може тоа дополнително да биде продолжено, како што бараат сопствениците.
