Во Мексико годинава се убиени 18 новинари, според извештај на организацијата за човекови права „Артикл 19“, со што 2022 е една од најсмртоносните години за новинарите од оваа држава.
Според извештајот, од 18 убиства во 9 случаи досега постои потенцијална поврзаност со нивната работа, изјави регионалниот директор на организацијата Леополдо Малдонадо.
„Оваа, 2022 година, може да биде најлошата година на векот за новинарите“,
вели Малдоналдо.
За нешто повеќе од осум месеци, бројот на убиства за 2022 година веќе ги надмина 13-те убиства регистрирани минатата година и 14-те регистрирани во 2020 година. Според организацијата смртните случаи биле поврзани со професијата на жртвите во околу половина од случаите во 2021 и 2020 година.
Во меѓувреме, организацијата документирала вкупно 331 напад врз новинари во првата половина од годината, од кои повеќето вклучувале заплашување и вознемирување.
Последниот случај на новинар кој беше исчезнат , а потоа најден убиен во северозападно Мексико се случи минатата недела.