РЕК Битола го стави на пауза тендерот за набавка на помошна механизација за комбинатот, проценет на 19 милиони евра. Причината за застојот во постапката, која е во фаза на евалуација на понудите по што треба да следи електронска аукција, не е коронавирусот, туку жалба која во меѓувреме стигнала до Државната комисија за жалби по јавни набавки.
„Евалуација на понудите од економските оператори кои зедоа учество на јавниот повик за набавка на механизација за потребите на РЕК Битола не е завршена бидејќи предметот се наоѓа под жалба во Државната комисија за жалби по јавни набавки од економски оператор кој воопшто не учествуваше на повикот со своја понуда“,
велат од РЕК Битола за „360 степени“.
Од РЕК Битола не споделија други детали, како кој е жалителот и по кои основи се жали. По прегледот на архивата на пристигнати жалби на интернет страницата на Комисијата, „360 степени“ дојде до информацијата дека жалителот е Текноксгруп Македонија од Скопје. Жалбата е поднесена на 7 февруари 2020 година.

На интернет страницата на Комисијата за жалби по јавни набавки сепак не може да се најде и содржината на жалбите, пред за нив да се донесе решение. А за конкретната жалба, засега нема и одлука. „360 Степени“ се обрати до Комисијата, но оттаму не добивме одговор за тоа кога може да се очекува решение по конкретниот предмет.
Кој се е заинтересиран за тендерот
Неколку прашања упативме и до жалителот, ТЕКНОКСГРУП од Скопје. Оттаму не сакаа да ги соопштат основните на жалбата и причините зошто не конкурирале на тендерот, бидејќи има постапка која е во тек.
Која е ТЕКНОКСГРУП, проверивме на нивната на нивната интернет страницата, според која станува збор за овластен дилер во Македонија, Албанија и сите земји од поранешна Југославија на светски познатиот производител на машини и опрема „Катерпилар“. Токму тој производител, покрај „Либхер“ и „Коматсу“, беа споменувани од директорот на Електрани, Васко Ковачевски, како пожелни конкуретни на тендерот за РЕК Битола, поради високото реноме и квалитетот на производите.
Според податоците од Централниот регистар, ТЕКНОКСГРУП е стара компанија во земјава, која според последниот годишен извештај од 2018 година остварила приходи од 4,4 милиони евра и имала 13 вработени. Крајното сопствеништво на ТЕКНОКСГРУП води до кантонот Тичино во Швајцарија. Сега, седиштето на компанијата е во Мендризио, а претходно било во Лугано.
Фирмите пак кои конкурираа на тендерот, „360 степени“ ги објави на 1 февруари. Од јавно достапните податоци, само за мал дел може да се заклучи дека се застапници на „посакувани“ производители. Поголем дел од пријавените на тендерот се застапници на повеќе и помалку познати марки кај нас, а за дел и не може да се утврди дали воопшто работеле со продажба на тешка механизација.
- Технокомерц од Скопје е фирма која во 2018 година имала приходи од 5,2 милиони евра и 62 вработени. Според нивната интернет-страница, тие се застапници на кинески и полски производители на градежни машини (ЛиуГонг и Дреста);
- Теиком Тим од Битола во 2018 година имала 3 вработени и годишен приход од 440.000 евра. Фирмата нема интернет-страница во земјава, па не може со сигурност да се тврди кој производител го застапува. Но, во соседна Србија постои компанија со името Теиком, која е застапник на јапонски Коматсу и која има претставништво во Битола. Од достапните податоци, „360 Степени“ не беше во можност со сигурност да утврди дали станува збор за поврзани или засебни субјекти;
- Корковадо од Србија, според нивната интернет-страница, се застапници за неколку кинески марки: Шанту, Зумлајон и Јантаи;
- Мис-комерц од Скопје во 2018 година имале 54 работници и приходи од околу 2 милиона евра. Интересно е што оваа фирма која сега сака да продава механизација на РЕК Битола, има добиено околу 9,4 милиони евра од комбинатот во изминатите 15 години за изнајмување помошна механизација;
- Лагер од БиХ е застапник на повеќе светски производители, меѓу кои, корејски Хјундаи и американски Терекс. Имаат локално претставништво во Скопје за кое не може да се каже дека има завидни резултати;
- Интер Глобал е фирма од Скопје со 3 вработени и околу 250.000 евра приходи, според последниот финансиски извештај за 2018 година. Нема интернет-страница во земјава која кореспондира со нивното име за да се открие кого затапуваат тие и дали имаат искуство со тешка механизација;
- Синпекс од Битола во 2018 година остварила приходи од 17,7 милиони евра. Според нивната интернет-страница, застапници се на повеќе компании, меѓу кои, американски Џон Дир и швајцарски Либхер.
- Евро Стил, исто така од Битола, во 2018 година оствариле 4,8 милиони евра приходи. Нивната интернет-страница во моментов не работи. Според нивната Фејсбук-страница, видливо е дека станува збор за компанија која работи, пред се, со земјоделска механизација;
- Бугарски Инжконсулт, според нивната интернет-страница, се застапници на повеќе компании што произведуваат опрема каква што се бара за РЕК Битола. Некои од нив се кинески ХЦМГ и Шантуи, како и јапонски Коматсу;
- МГ Компанија од Скопје е фирма која на крајот на 2018 година имала 3 вработени и приход од околу 540.000 евра. Најзвучното име што тие го застапуваат е Волво;
- За МЦР Глобех Груп од Белград, Србија, не може со сигурност да се потврди кои производители ги застапуваат, од едноставна причина што нивната интернет-страница во моментов не работи;
- Каргомакс од Илинден, Скопје, е компанија која во 2018 година остварила приходи од 6,6 милиони евра и имала 16 вработени. Според нивната интернет-страница, тие работат, пред се, со камиони и тоа од линијата на Ивеко.
Најскапиот неспроведен тендер кој чини 370 милиони евра
„РЕК Битола“ е дом на над 2.700 вработени и местото каде што се генерира 80% од домашно произведената струја. Комбинатот кој ја „храни“ земјата со електрична енергија, во последниве две децении исплатил околу 370 милиони евра за помошна и механизација за ископ на јаглен и јаловина, покажа неодамнешното истражувањето на „360 степени“.
*поврзана вест Најскапиот неспроведен тендер во земјава чини 370 милиони евра
Ако до завршетокот на претходната деценија комбинатот трошел меѓу 3,5 и 10 милиони евра годишно на услуги за транспорт и ископ на јаглен од приватни фирми, во 2009 година почнува „експлозија“ на трошоците. Меѓу 2011 и 2016, годишно се исплаќаат меѓу 35 и 50 милиони евра за услугите од приватни фирми. Со новата влада, сумите повторно паѓаат прво под 20, а лани и под 15 милиони евра. Собрано, за две децении, близу 370 милиони од РЕК „Битола“ се одлеале кон приватни фирми. А парите од РЕК се народни пари.
Од поинаков агол, ако се вкрстат парите за приватните фирми и произведената електрична енергија, во претходната деценија трошокот по произведен мегават час бил меѓу 70 евроценти и 3 евра. Потоа, соодносот драматично расте до највисоки 15,2 евра во 2016 година, за веќе следната година драматично да се намали на 6 евра по мегават час и 4,2 евра лани.
Така, од 2006 до денес, период за кој добивме податоци, дел од „колачот“ тежок стотици милиони евра добиле 21 фирма.
Сами или како водечки фирми во конзорциум најмногу пари за изнајмена механизација имаат добиено:
ГРАНИТ – 113 милиони евра, пред се до 2013 година кога ги истиснуваат дел од нивните локални партнери како
ПЕЛИСТЕР, кој во најголем дел по 2014 година инкасира околу 68 милиони евра и
ТРАНС МЕТ, чии машини чинеле 58 милиони евра, пред се во периодот 2012-2016 година.
МАРКОВСКИ, во последните 15 години добиле 53,5 милиони евра за своите услуги, а далеку подолу и последен со приход од над 10 милиони евра од РЕК „Битола“ е фирмата РУД КОП.
Обиди за тендер за набавка на механизација имаше во неколку наврати, почнувајќи од 2017 година. На крај, конечно беше распишан на крајот на декември 2019 година.