Жителите на скопските општини Центар, Аеродром, Кисела Вода и Центар, како и Битола и Штип, се меѓу оние што најмногу скенирале фискални сметки во рамки на проектот „Мој ДДВ“ за поврат на 15 отсто од данокот на додадена вредност, информираше денеска министерката за финансии Нина Ангеловска.
Од Управата за јавни приходи утринава информираа дека почнала исплатата на повратот, а дека 16.600 граѓани веќе ги добиле средствата на своите сметки. Поточно, 21 милион денари се вратени на сметките на граѓаните.
„За првите пет месеци вкупно се скенирани 40 милиони сметки, или во просек по 8 милиони сметки месечно. Вкупниот износ најавен за враќање за првите три месеци е 3 милоини евра. Се работи за над 180.000 граѓани што скенираат сметки“,
изјави министерката Нина Ангеловска.
Повратот на ДДВ се исплаќа согласно Законот за враќање дел од ДДВ кај физичките лица. Повратот од 15 % се префрла на сметките на граѓаните што се корисници на апликацијата „Мој ДДВ“ за првото тримесечје, односно за јули, август и септември 2019 година.
Од Министерството за финансии им порачуваат на граѓаните што ја користат мобилната апликација да проверат дали ја внеле трансакциската сметка или дали се внесени точните податоци, за да не дојде до грешка во префрлање на средствата.
Министерката потсети за наградата игра „Мој ДДВ, моја награда“, која ќе почне да се реализира од средината на декември, а во која ќе бидат вклучени граѓаните што скенираат фискални сметки. Како што рече таа, ова е уште еден мотив да се приклучат во борбата со сивата економија.