„Големите пекарски компании во државата, кои обезбедуваат најголем дел, односно над 90 отсто од потребите за леб, по закон за енергетика мора да одат на слободен пазар на електрична енергија. Тие никогаш не биле снабдувани од универзалниот снабдувач од ’ЕВН хоум’“, вели Бислимоски

Големите пекарски компании се законски обврзани да обезбедуваат електрична енергија на слободниот пазар и тие не смеат да бидат снабдувани од „ЕВН хоум“, вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски коментирајќи ги како лажни вести информациите од претставници на пекарската индустрија дека тие во голем дел зависеле од домашното производство и оти со растот на цената на струјата ќе се зголеми и цената на лебот.
„Големите пекарски компании во државата, кои обезбедуваат најголем дел, односно над 90 отсто од потребите за леб, по Закон за енергетика мора да одат на слободен пазар на електрична енергија. Тие никогаш не биле снабдувани од универзалниот снабдувач од ’ЕВН хоум’“,
рече Бислимовски одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата за 32. Генерално собрание на регулаторите за вода од Европската Унија – WAREG, што се одржува во Скопје.
Со таквите лажни вести, како што рече, принуден е да се бори со факти, да кажува вистини и „кој како стигне се обидува да ги изврти тезите и да си направи некои исклучиво свои лични интереси“.
„Мора постојано да се бориме со лажни вести, како и кога почна корона кризата и енергетската криза – дека ќе се зголемувале цените за 200, 300 проценти, дека ќе немаме струја, а ништо не испадна дека е точно. Повторно исти такви експерти почнуваат со лаги, но ние сме тука да се бориме. И тие имаат пристап до медиумите, треба да се покрие одреден прилог, на некој не му е срам да лаже, но тоа е тоа, со лажговци ќе се разбираме со факти и вистини“,
рече Бислимовски.
Бислимоски рече дека е огромен трендот на преместување на компании од регулиран на отворен пазар и ги повика сите мали потрошувачи кои имаат можност да се вратат назад на слободниот пазар.
Тој вели дека малите потрошувачи кои биле снабдувани од „ЕВН хоум“ доколку во екот на енергетската криза имале потрошувачка околу 450 – 500 милиони киловат-часови, оваа година според Бислимоски, таа ќе падне на околу 220-230 милиони киловат часови.
„Околу 250-270 милион киловат-часови на мали потрошувачи се префрлени на слободниот пазар и тоа е сосема логично затоа што таму има поевтини цени и трошоци. Ги охрабрувам сите мали потрошувачи кои имаат можност да си се вратат назад на слободниот пазар. Ако се зголемат таму цените тоа што се обезбедува од државата, цена од некаде 180 -190 евра, во зависност од тоа какви се случувањата, повторно да се вратат ако има екстремни услови, но сега кога е поевтино не гледам логика да седат на регулираниот пазар“,
вели Бислимоски.
Тоа, вели тој, од друга страна ни прави притисок за цената на домаќинствата, но овие мали потрошувачи, кафетерии, дуќанчиња, нека си одат на слободниот пазар. Ако не си го искористат тоа право никој не и е крив, додава Бислимовски.
Во однос на сугестите ако се зголеми цената на струјата да се намали мрежарината, тој вели дека таа се определува на крајот на годината освен ако нема драматични промени.
„Мрежарината ја определуваме кон крајот на годината и така ќе биде и понатаму. Цените на мрежарините ќе ги определиме кон крајот на декември, согласно Методологијата, освен ако нема драматични промени. Ако увидиме овие неколку денови дека можеме тоа да го направиме ќе го направиме“,
рече Бислимовски.
Прашан дали од 1 јануари има можност за намалување на цената на мрежарината, Бислимоски вели дека треба да се види колку ќе бидат загубите, а додаде и дека ќе има нова влада и ново раководство во ЕСМ.
„За од 1 јануари ќе видиме, треба да видиме колку ќе бидат загубите, ако го има овој тренд на намалување на загуби, ќе биде во ред за „’Електродистрибуција’, ЕСМ ги обезбедува загубите. Ќе имаме нова влада, ново раководство во ЕСМ, ќе имаат нови визии како да го раководат ЕСМ, може и да ја намалат цената по која што ја нудат на тендерот за загуби, така што до тогаш се е можно“,
одговори Бислимовски.
Укинувањето на мрежарината, рече тој, ќе значи зголемување на евтината тарифа за 15 проценти, а на првиот блок за девет проценти.
„Очигледно е дека имаме погодени експерти кои имаат по четири-пет стана, кои имаат фотововолтаици на своите куќи и не можам да им помогнам, но да се кажуваат невистини дека таков надомест немало никаде во свет е срамота“,
рече Бисломовски и посочи дека таков надомест користат држави како Германија, Италија, Австрија, Естонија, Малта, Хрватска, од соседството, Црна Гора, Србија, Косово.