Канбера на почетокот на оваа недела објави дека се откажува од големото купување француски конвенционални подморници во корист на нуклеарни подморници, изградени со американска технологија
Американскиот претседател, Џо Бајден, побарал телефонски разговор со неговиот француски колега, Емануел Макрон, откако Франција претходно го повлече за консултации својот амбасадор во САД поради пропаднатиот договор за изградба на француски подморници за Австралија, за што Париз го обвини Вашингтон.
Портпаролот на француската Влада, Габриел Атал, изјави дека телефонскиот разговор помеѓу Бајден и Макрон е закажан за следните денови. Тој уверува дека француските власти сакаат да најдат начин да одат напред со партнерите.
Покрај францускиот амбасадор во САД, властите во Париз истиот потег го направија и со амбасадорот на Франција во Австралија.
Ваквиот потег следуваше откако Канбера на почетокот на оваа недела објави дека се откажува од големото купување 12 француски конвенционални подморници во корист на нуклеарни подморници, изградени со американска технологија.
Повлекувајќи се од договорот со Франција, Канбера во средата со Вашингтон и Лондон објавија безбедносен пакт. Иако ниту една од властите во Австралија, САД и Велика Британија не ја спомена Кина, нивното партнерство е широко разбрано како обид за спротивставување на наметливоста на Пекинг во регионот.
Австралискиот премиер Скот Морисон, британскиот премиер Борис Џонсон и американскиот претседател Џо Бајден, во изјава, рекоа дека нивното партнерство е „водено од нашите трајни идеали и заедничка посветеност кон меѓународниот поредок базиран на правила“.