Во пресрет на новите парламентарни избори закажани за 2 април анкетите покажуваа „мртва трка“ меѓу двата главни фаворита – ГЕРБ на Бојко Борисов и предизборната коалиција меѓу Продолжуваме со промени на Кирил Петков и Асен Василев и Демократска Бугарија на Христо Иванов и Атанас Атанасов
Анкетата нарачана од „24 часа“ покажува дека ГЕРБ има предност од само еден процентен поен во однос на новоформираната предизборна коалиција. Партијата на Бојко Борисов ја поддржуваат 25,6 отсто од гласачите, додека за блокот на Продолжуваме со промените (ПП) и Демократска Бугарија (ДБ), чии лидери се Кирил Петков/Асен Василев и Христо Иванов/Атанас Атанасов, се изјасниле 24,8 проценти од граѓаните.
Истражувањето покажува дека одлуката за коалицирање на двете групации дало ефект и дека е речиси елиминирана предноста што претходно ја имаше ГЕРБ пред ПП.

Третопласирана во анкетата е ДПС, чиј лидер е Мустафа Карадај, со поддршка од 12,8 отсто. Четврта е националистичката Преродба на Костадин Костадинов за која се изјасниле 11,9 отсто од граѓаните. Петта партија, според поддршката, се социјалистите – БСП со 8,9 отсто. Со шанса да влезе во парламентот е и Бугарски подем, партија што ја формираше поранешниот технички премиер Стефан Јанев и за која поддршка би дале околу 4 отсто од гласачите. Проценките се дека Има таков народ на Слави Трифонов, која на анкетата има 3,3 %, нема да го надмине изборниот праг од минимум 4 отсто поддршка.
Претстојните парламентарни избори се петти во последните две години. Речиси цел овој период, со исклучок на шесте месеци во кои премиер беше Кирил Петков, со земјата управуваат технички влади што ги именува претседателот Румен Радев.