Училиштата во Њујорк од оваа есен ќе почнат со редовна настава во живо и нема да има опција за учење од далечина, објави денеска градоначалникот на Њујорк, Бил де Бласио.
„Не можеме да имаме целосно закрепнување без училишта да се вратат во полна сила. Сите ќе се вратат назад и повторно ќе седнат во училниците, децата повторно ќе учат“,
изјави Де Бласио за телевизијата Ем-ес-ен-би-си.
Околу еден милион ученици што посетуваат традиционални јавни училишта ќе се вратат во училниците, каде што ќе се следат протоколите за заштита од коронавирусот што беа во сила и оваа учебна година, вклучително и носење маски и тестирање за ковид-19, рече градоначалникот.
„Време е, навистина е време сега да почнеме со полна сила“,
додаде Де Бласио.
Њујорк ги затвори училиштата во март 2020 година поради коронавирусот и беше еден од првите поголеми американски градови што повторно ги отвори училишните згради есента истата година, но повеќето родители потоа одлучија нивните деца да следат онлајн-настава.