Информациите кои се појавија во јавноста дека деновиве се прават тестирања се неточни, велат од Министерството за информатичко општество
Министерството за информатичко општество и „Македонски Телеком“ ги демантираат информациите кои се шират на одредени онлајн-медиуми и насоцијалните мрежи за наводна употреба на 5Г мрежа во земјава.
Реакцијата доаѓа откако во интернет-просторот граѓани веќе се организираат со електронска петиција со наслов „Стоп за 5Г во Македонија!!!“ во која тврдат дека оваа технологија има негативни последици по животот на луѓето, животните и растенијата.
„Сведоци сме на секојдневен помор на пчели, птици, насекаде низ светот, луѓе заболуваат од тешки болести во областите во кои веќе е инсталирана и ставена во функција 5Г-технологијата. Да се освестиме додека се уште има време. Да не дозволиме да нѐ залажуваат со наводните придобивки од воведувањето на 5Г“,
пишува во петицијата која досега ја потпишале над 10 илјади граѓани.
Од Министерството за информатичко општество велат дека во нашата држава досега се направени само две тестирања и тоа, едно во 2018 година во ограничени и строго контролирани лабараториски услови, и второ тестирање во 2019 година, на ограничен простор.
„Владата на Република Северна Македонија и Министерството за информатичко општество и администрација најодговорно тврдат дека во нашата држава нема пуштено во употреба 5Г-мрежа. Дополнително, ги информираме граѓаните дека надлежните институции немаат спроведено постапка за доделување на фреквенции за 5Г-мрежа. Оттука сите грижи за ефектите од 5Г-мрежата врз здравјето на граѓаните се неосновани. Информациите кои се појавија во јавноста дека деновиве се прават тестирања се неточни“,
соопштија од МИОА.
Апелираат дека лажните вести имаат непроценлива штета, особено во вонредни ситуации како што е оваа со коронавирусот и кај нас и во светот.
„Ги повикуваме сите извори на лажни вести да престанат со објавување на дезинформации кои имаат единствена цел да создаваат недоверба и паника кај граѓаните. Исто така, апелираме сите граѓани внимателно да бираат од каде се информираат и да ги проверуваат изворите на информации“,
додаваат од МИОА.
„Македонски Телеком“ денеска преку соопштение ги демантираше информациите дека активирале 5Г-мрежа и велат дека со споделувањето на лажни вести и стари медиумски написи од 2018 и 2019 година во погрешен контекст се шири непотребна паника во услови кога треба да останеме смирени.
„Најодговорно тврдиме дека нема 5Г мрежа во употреба. Надлежните институции немаат спроведено ниту постапка за доделување фреквенции за 5Г. Така што, неосновани се сите напади дека во моментот се вршат масовни тестирања низ државата“,
велат од „Македонски Телеком“.
Посочуваат дека Агенцијата за електронски комуникации редовно врши мерења за нејонизирачко зрачење и оти во декември лани се направени тестирања на пробната 5Г-инсталација, при што е констатирано дека вкупното зрачење на ограничениот простор за 5Г-тестирање е далеку пониско од максимално дозволените граници (http://aek.mk/).
„Како лидер во новите комуникациски технологии, нашата цел е да ги донесеме најновите технологии во корист на граѓаните и целото општество, но притоа да ги следиме сите безбедносни чекори во соработка со надлежните институции и државата. Во ситуација на пандемија во светки рамки, наш приоритет е да обезбедиме непречена комуникација преку постојната инфраструктура. Да не дозволиме лажните вести и напади да креираат паника меѓу граѓаните“,
порачуваат од „Македонски Телеком“.
Во изминативе денови на социјалната мрежа „Фејсбук“ во групата Фармери се споделуваа фотографии од угинати врапчиња за кои граѓани убедено тврдеа дека се жртви на 5Г-мрежата во земјава, повикувајќи се на текстови објавени пред повеќе од една година.
Од Светската здравствена организација велат досега нема истражување кое докажало дека оваа технологија има штетен ефект врз здравјето на луѓето, но најавија истражувања кои ќе бидат завршени за две години. Тие студии се очекува да бидат објавени во 2022 година.