Откако се дозна дека членовите на АФД (Алтернатива за Германија) на таен состанок разговарале со припадници на десницата за евентуални планови за масовна депортација на мигрантите во земјата, над 100 000 луѓе излегоа на протест во повеќе градови во земјата
Во Франкфурт над 35 000 луѓе се приклучија на повикот на либералните партии и под слоганот „Одбрани ја демократијата – Франкфурт против АфД“ маршираа низ улиците на градот. Покрај Франкфурт, масовни собири имаше и во Брауншвајг, Ерфурт, Касел и Хановер, а веќе за утре масовен протест е закажан во главниот град на земјата, Берлин. Повици за борба против АфД пристигнаа од политичари, цркви, но и тренери на тимови од фудбалската Бундес лига.
Пред неколку дена илјадници луѓе, меѓу кои и канцеларот Олаф Шолц и шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок, излегоа на улиците во Потсдам за да протестираат против екстремната десница во Германија.
Демонстрациите следуваат неколку дена откако истражувачки извештај покажа дека десничарските екстремисти и политичарите од екстремнодесничарската Алтернатива за Германија се состанале и наводно разговарале за депортација на милиони имигранти, вклучително и германски државјани доколку дојдат на власт.
На демонстрациите им се приклучија над 10 илјади луѓе, изјави тогаш градоначалникот на Потсдам, Мајк Шуберт, кој повика на протестот.
Министерката за надворешни работи Аналена Бербок во изјава за германската новинска агенција ДПА кажа дека на демонстрациите присуствувала како една од илјадниците граѓани кои се залагаат за демократија.
„Тука сум како една од илјадниците жители на Потсдам кои се залагаат за демократија, и против стариот и новиот фашизам“,
изјави Баербок.
Протестот беше одговор на извештајот на медиумот „Коректив“ кој откри детали од состанокот во вила во Потсдам во ноември на кој, како што е објавено, присуствувале членови на екстремистичкото Идентитарно движење и од екстремнодесничарската партија Алтернатива за Германија. На состанокот наводно било зборувано за депортација или „ремиграција“ на мигрантите во Германија.
Според градоначалникот на Потстдам, „овие планови потсетуваат на најтемното поглавје од германската историја“.