Во извештајот се наведува дека посетите од Северна Македонија, минатата година, биле за 46,8 отсто зголемени споредбено со една година претходно, односно лани имало 1 128 000 посетители, наспроти 770 000 во 2022 година
Над 1 128 000 туристи од Северна Македонија ја посетиле Грција минатата година, покажуваат податоците од Институтот на Асоцијацијата на грчки туристички бизниси (ИНСЕТЕ).
Според податоците, бројот на посети што лани ги оствариле туристите од Северна Македонија, во споредба со 2022 година, е речиси 50 отсто поголема.
Во истражувањето „Кој каде оди? Колку долго останува? Колку троши?“, ИНСЕТЕ ги анализира официјалните податоци на Банката на Грција за туризмот и туристите во земјата во 2023 година, а поконкретно се фокусира на секој од 13-те грчки региони.
Северна Македонија, според бројот на туристи, на листата се наоѓа меѓу првите 15 држави. Таа останува без промени на 11-та позиција, иако драстично е зголемен бројот на посетители од нашата земја.
Првите 15 земји со најголем број посети и посетители на Грција се Германија, Велика Британија, Бугарија, Италија, Франција, САД, Романија, Холандија, Полска, Албанија, Северна Македонија, Турција, Австрија, Белгија и Србија.
Во извештајот се наведува дека посетите од Северна Македонија, минатата година, биле за 46,8 отсто зголемени споредбено со една година претходно, односно лани имало 1 128 000 посетители, наспроти 770 000 во 2022 година.
Во извештајот се наведени и областите кои најчесто биле посетувани.
Најпосетена е областа Атика, поширокиот регион на Атина, потоа се островите во јужниот дел на Егејското Море, а на третата позиција е централниот дел од северна Грција – регионот во кој спаѓаат Солун и Халкидики, каде што посетителите од Северна Македонија се меѓу првите три земји.
Во регионот Централна Македонија лани имало 6 566 000 посети, а мнозинството посети биле од Бугарија, и тоа 1 821 000. Потоа следуваат посети од Северна Македонија (1 079 000) и од Германија (917 000), пишува во анализата.
Сепак, иако Северна Македонија е меѓу првите три земји по бројот на посети во конкретниот регион, сепак, не е во топ трите држави според бројот на ноќевања и според направените трошоци за време на престојот.