Владејачката партија летово треба да донесе политички и кадровски одлуки од кои зависи дали и до која мера ќе го повтори успехот од 2017 година, кога извојува убедлива победа на тогашните локални избори
За десет пати е поголема досега бројката на социјалдемократи што претендираат на градоначалничка кандидатура на претстојните локални избори во споредба со бројката на градоначалнички места што ги освои владејачката партија во 2017 година. Тогаш СДСМ освои убедлива победа, освојувајќи ги градоначалничките позиции во 56 од вкупно 80 општини во земјава и дополнително во Градот Скопје, при што во речиси две третини од овие општини победата беше извојувана уште во првиот круг.
Во пресрет на новите локални избори, според информации од раководството на СДСМ, досега во процедура се 561 потенцијална кандидатура за градоначалничко место. Мини-анкетата што ја направи „360 степени“ меѓу актуелните градоначалници од владејачката партија, пак, упатува на тоа дека речиси сите досегашни градоначалници целат на нова кандидатура и, главно, на втор мандат во своите општини. Во таа група се и речиси сите градоначалници на скопските општини што во последните четири години беа под контрола на СДСМ.
Освен скопскиот градоначалник Петре Шилегов, чија нова кандидатура е речиси извесна, на уште една шанса се надева и градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, кој ни изјави дека повеќе месни организации на СДСМ во неговата Општина го номинирале за нова кандидатура, а тој деновиве ќе ја поднесе до партиската централа и својата програма, што значи дека ја прифаќа кандидатурата, за што очекува поддршка и од партиското раководство.
Филип Темелковски од Кисела Вода, исто така, вели дека деновиве ќе ја поднесе својата програма до централата на СДСМ, откако сите месни организации во општинската организација на партијата го предложиле како старо-нов кандидат. И досегашниот градоначалник на Гази Баба, Борис Георгиевски, вели за „360 степени“ дека претендира на нова кандидатура и на нов мандат, за што е предложен од повеќето месни организации на СДСМ во оваа општина.
Испратена е и номинација за Златко Марин за негова втора кандидатура за градоначалник на Аеродром. Во телефонски разговор, тој ни потврди дека е предложен од месни организации, а до 5 јули и самиот ќе поднесе кандидатура и програма. Марин вели дека ја има довербата на партиските членови од Аеродром и очекува да ја добие и од раководството на партијата, зашто смета дека треба да ги доврши започнатите проектите, но и оти заслужува втор мандат со оглед на проектите што ги има во првиот, поврзани со градинки, училишта, засадување 15 000 дрвја, започнување на постапката за нова општинска зграда итн.
Поднесување кандидатура најавува и градоначалникот на Бутел, Велимир Смилевски. Тој ни изјави дека на состаноците на месните организации бил единствен кандидат од оваа Општина и до 5 јули ќе се поднесе и неговата кандидатура.
Стефан Богоев, актуелниот градоначалник на Карпош, исто така е во игра за уште еден мандат. Тој ни изјави дека сите месни организации во општинската организација на СДСМ во Карпош доставиле предлози тој повторно да биде кандидат за градоначалник. На нова кандидатура се надева и Александар Наумовски од Ѓорче Петров, кој вели дека поднел кандидатура и програма до „Бихаќска“, но дека тоа не значи дека ќе биде кандидат по секоја цена.
„Како што кажавме и вчера со премиерот на заедничкиот настан, се прават анкети. Јас нормално дека планирав да поднесам кандидатура, но тоа не значи дека ќе бидам кандидат по секоја цена. Ако има некој кој стои подобро од мене во анкетите и партиските анализи, секако дека ќе биде тој. Така беше и во 2017 година, така е и сега“,
изјави Наумовски за „360 степени“.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, најави вчера дека СДСМ кон крајот на август ќе ги објави повеќето кандидати за градоначалници за локалните избори во октомври, иако не ја исклучи можноста некои имиња да бидат познати уште во јули. На прашање кои од актуелните градоначалници ќе влезат во трка за нов мандат наесен, тој не даде конкретен одговор туку порача дека сите се негови другари и другарки, но прв приоритет е победата и затоа дали ќе се оди со актуелните или со нови кандидати, ќе се одлучува врз основа на анкетите.
СДСМ во последните четири години е на власт и во повеќето општини во внатрешноста на државата, каде што главната политичка битка ја водат партиите од т.н. македонски политички блок. Исклучок се Кавадарци и Зрновци, како и општините Илинден, Петровец и Сопиште, во околината на Скопје, каде што во 2017 година победија кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ.
И повеќето градоначалници од општините во внатрешноста се надеваат дека СДСМ повторно ќе ги кандидира за функцијата. Наташа Петровска од Битола ни изјави дека ја прифатила номинацијата од месните организации на СДСМ во Битола и дека сега партијата треба да одлучи дали таа ќе биде по вторпат кандидатка за градоначалничка.
Досегашниот градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов, кој неодамна по партискиот конгрес доби висока позиција во раководството на СДСМ – претседавач на Централниот одбор, во вчерашното гостување на „Студио 10“ на ТВ 24 потврди дека ќе бара поддршка за втор мандат. Потврда дека има кандидатура до партијата вчера стигна од уште еден градоначалник од југот. Како што јави дописникот на МИА, актуелниот градоначалник на Гевгелија, Сашко Поцков, вчера потврди дека ја поднел кандидатурата.
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, исто така, очекува да добие шанса од СДСМ да се натпреварува за втора мандат, и покрај информациите дека на кандидатура за оваа традиционално левичарска општина целат уште најмалку двајца негови сопартијци.
Освен за градоначалничка кандидатура, во СДСМ, според информациите, има „турканица“ и за советничко место, за што процедурата исто така почнува од партиската база, а последните одлуки ги носи партиската централа. Досега во процедура за место на советничките листи се 4 519 кандидатури за 80 општини плус за Советот на Град Скопје.
На претстојните избори, кои ќе се одржат во втората половина на октомври, за што кампањата ќе почне на почетокот на тој месец или кон крајот на септември, освен 81 градоначалник, треба да бидат избрани близу 1 400 советници, при што бројот на членови на еден совет зависи од бројката на жители во одредена општина. На изборите во 2017 година, СДСМ, тогаш како нова владејачка партија, освои и најмногу советнички места – 545, наспроти 429 на ВМРО-ДПМНЕ и 133 на ДУИ…