Досега се вакцинирани околу 200 илјади граѓани со прва доза на вакцина против ковид, а околу 40 илјади се целосно имунизирани. Министерот за здравство Венко Филипче вчера информираше дека останати се околу 150 илјади граѓани кои се невакцинирани, а се пријавени за вакцинација.
Во почетокот на наредната недела се очекува и кај нас да биде воведен зелен пасош за патување. Зелениот пасош за граѓаните на Северна Македонија кои се вакцинирале против коронавирусот, ќе важи и за оние кои се вакцинираа во Србија. Граѓаните се што треба да направат е да се најават на апликацијата и да се испрати електронска пошта со нивни податоци, а кју-ар кодот на сертификатот, што е добиен од која било држава се скенира.
„Кју-ар кодот ќе биде генериран и видлив во апликацијата и сите други кју-ар кодови наменети за ПЦР тестирања, од следната недела. За време на претстојниот викенд и следната недела ќе се споделат технички податоци преку системот на „Мој термин“ што треба акредитираните лаборатории да издадат како свој документ за на таа апликација може да има код, што ќе ги содржи податоците за вакцина или за секој следен ПЦР тест што ќе биде направен, а ќе се генерира со тоа што ќе се внесе кодот во апликацијата“, рече министерот Филипче.
Важно е, како што рече, освен документи во хартиена форма да имаме и апликација за што и да биде побарано од нашите граѓани при патување во која било земја ние да бидеме подготвени.
Тој посочи дека македонскиот зелен пасош е усогласен со критериумите на европскиот зелен пасош, односно се води по критериум на Комон пас апликацијата, што е најшироко прифатена и на аеродромите и земјите членки во Европската Унија.
Се намалува и бројот на приеми и на хоспитализирани ковид-пациенти. На инфективните одделенија во Скопје и во болниците низ земјава се лекуваат 379 ковид-пациенти.
Поради намалениот број на болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид пациенти.
Медицинскиот кадар е веќе вратен во своите болници, а во дел од нив во тек е темелно чистење и дезинфекција. Се ослободуваат болничките капацитети, а здравствените власти изразуваат надеж дека нема да се соочиме со некој нов бран. Велат дека се подготвени и знаат што и како треба да направат.
Досега во земјава се направени вкупно 769 471 тестирања на ковид-19. Вкупната бројка на дијагностицирани со ковид во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 154 982, бројката на оздравени пациенти е 146 721, на починати е 5 280, а бројот на активни случаи изнесува 2 981.