Вкупно 24 958 лица се пријавиле кај своите матични лекари за вакцинирање против ковид-19, информира Министерството за здравство за МИА.
Интерес за вакцинација пак, искажале вкупно 53 070 граѓани преку веб-страницата vakcinacija.mk.
Вакцинацијата против ковид-19 во државава почна денеска во модуларната болница во кругот на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, каде што се вакцинираат вработените во таа јавна здравствена установа.
Пунктот во модуларната болница, каде што има шест вакцинални позиции, работи во две смени од 8 до 20 часот, а вакцинацијата ја спроведуваат медицински тимови од Здравствениот дом Скопје.
Досега се пријавени 4 000 здравствени работници за вакцинација, од кои околу 2 000 се во градот Скопје, а останатите се во другите градови. На секој здравствен работник кој примил вакцина веднаш ќе му биде резервирана втора доза за ревакцинација.
Имунизацијата од модуларната болница се врши со 4 680 од предвидените 8 000 дози вакцини од производителот „Фајзер“ кои државава го доби како донација од Србија. Со пристигнувањето на другите дози вакцини во државата, ќе се врши дистрибуција на вакцини низ останатите здравствени домови во земјава каде што вакцинацијата ќе се спроведува во постоечките вакцинални пунктови.
До крајот на месецов се очекуваат и 200 илјади вакцини од кинеската компанија „Синофарм“. Во земјава треба да пристигнат и дополнителни дози од „Фајзер“, кои се обезбедени од директните преговори со компанијата, како и дози преку системот Ковакс.