Кристина Ампева од „Гласен текстилец“ вели дека долгот на овие конфекции кон работниците надминува 13 милиони денари или околу 211 000 евра. Според неа, случајот е веќе предмет на постапка во германските институции, бидејќи станува збор за компании со германски капитал, а управители биле лица од Бугарија
Работниците од штипските конфекции „Фермактекст“ и „Европа фешн“ со поддршка на здружението „Гласен текстилец“ на денешниот протест побараа Јавното обвинителство во Штип, Финансиската полиција и Одделот за економски криминал при МВР да постапат и да одговорат на нивните претставки
Над 100 текстилни работнички и работници од конфекциите „Фермактекст“ и „Европа фешн“ денеска попладне излегоа на протест во Штип за да си ги побараат трите неисплателни плати за месеците април, мај, јуни 2025 година, како и К-15 и отпремнините кои им следуваат согласно закон, пренесе МИА.

Тие изразија очекување од надлежните државни институции дека ќе им помогнат да се реши нивниот случај и да добијат заштита на нивните права.
„Јас се надевам дека конечно ќе дојде ред и ние работниците да бидеме заштитени, затоа што за три месеци не зедовме ни плата, не зедовме ништо, никакви придонеси, ни беше укинато здравственото осигурување, значи немавме буквално ништо. Затоа очекуваме дека барем основата што треба државата да ја преземе за нас, како што е заштита на нашите права, плаќање на придонесите, да не останеме само како бројка што биле напуштени без никаков приход“,
изјави Анета Јованова, текстилна работничка.
Нејзината колешка, педесет и деветгодишната Светлана Петкова, вели дека 17 години шиела на машина за овие две штипски конфекции, а сега е оставена на, како што наведува, милост и немилост.
„Така нѐ оставија на милост и немилост, без пари, здравство неплатено, не те прашуваат дали имаш или немаш. Како можеш да се снајдеш кога ти немаш ништо четири месеци, без пари? А како да се снајдеш? Прво и прво до здравство не можеш да дојдеш, а сите сме под лекарства“,
рече Петкова.
Кристина Ампева од „Гласен текстилец“ вели дека долгот на овие конфекции кон работниците надминува 13 милиони денари или околу 211 000 евра. Ампева посочи дека станува збор за компании со германски капитал, а управители биле лица од Бугарија, како и дека случајот е веќе предмет на постапка во германските институции.
„Во исто време случајот е веќе предмет на постапка пред германскиот Национален контакт-пункт за ОЕЦД-насоки. Германските институции веќе преземаат чекори, бараат информации од сопствениците, односно германскиот холдинг ‘Feldkoess Holding GmbH’, и одговорните лица, односно управителите на двата правни субјекти, ‘Фермактекс’ и ‘Европа фешн’, коишто се од Република Бугарија. И исто така тие ги информираа и германските амбасади во Скопје и Софија, па и еве се прашувам зошто германските институции повеќе се залагаат за правата на работниците во Македонија отколку самите македонски институции коишто се платени од нас“,
рече Ампева.
Работниците од штипските конфекции „Фермактекст“ и „Европа фешн“ и здружението „Гласен текстилец“ на денешниот протест побараа Јавното обвинителство во Штип, Финансиската полиција и Одделот за економски криминал при МВР да постапат и да одговорат на нивните претставки и да ги заштитат и работниците и државниот буџет.
