Апелот, насловен „Новинарството во Авганистан е во опасност од истребување“, е потпишан од етнички и политички разновидна група од 103 новинари, уредници и фотографи, вклучувајќи 20 жени, наведуваат од „Репортери без граници“
Повеќе од 100 авганистански новинари апелираа до меѓународната заедница да ја заштити слободата на печатот во Авганистан. Како што пренесоа „Репортери без граници“ најитна потреба е гарантирање на заштитата, особено на новинарките, соопшти анонимно групата новинари, уредници, фотографи во апелот.
„Честите напади врз медиумите и мешањето на талибанците во нивната работа ги натера да се плашат од најлошото“,
наведуваат новинарите.
Апелот, насловен „Новинарството во Авганистан е во опасност од истребување“, е потпишан од етнички и политички разновидна група од 103 новинари, уредници и фотографи, вклучувајќи 20 жени, наведуваат од „Репортери без граници“.
Повеќето од нив сè уште работат во Авганистан, иако некои се кријат, а 10 се во егзил. Сите сакаат да останат анонимни од страв од одмазда против нив или членовите на нивното семејство.
Новинарите побараа конкретна поддршка за да им се овозможи на авганистанските редакции да продолжат да работат.
„На краток рок, потребна е и дипломатска, конзуларна и финансиска помош за евакуација на новинарите во ризик“,
се додава во писмото.