Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, како што наведува „Гардијан“, не изнел детали за тоа како САД дошле до бројките, но рече дека околу половина од загинатите и ранетите биле од платеничката група „Вагнер“. Дел од нив, како што додаде Кирби, биле испратени во битка без соодветна обука
Повеќе од 20 000 руски војници се убиени, а над 80 000 се ранети во изминатите пет месеци во борбите во Украина, што е драстично зголемување на и онака големите загуби на Москва, проценуваат американските разузнавачки служби, пренесува „Гардијан“.
Повеќето руски војници, според проценките, се убиени во бруталната рововска војна за малиот источен град Бахмут, за кој Москва постојано тврди дека е на прагот за негово заземање, изјави портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби.
„Рускиот обид за офанзива во Донбас, главно преку Бахмут, не успеа… Русија не беше во можност да заземе некоја стратегиски значајна територија“,
рече Кирби.
Загубите со кои се соочуваат руските сили во изминатите пет месеци ги надминуваат оние од првите денови на војната во Украина и се поголеми од оние што сојузничките сили ги имале во некои од најкрвавите битки во Втората светска војна.
„Тоа е трипати повеќе од бројот на убиени со кој се соочија Соединетите Држави во кампањата во Гвадалканал во Втората светска војна“,
рече Кирби, пренесува новинската агенција Асошиејтед прес.
Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, како што наведува „Гаридијан“, не изнел детали за тоа како САД дошле до бројките, но рече дека околу половина од загинатите и ранетите биле од платеничката група „Вагнер“. Дел од нив, како што додаде Кирби, биле испратени во битка без соодветна обука.
Руската војска, рече Кирби, можеби постигнала одреден успех во Бахмут, но тоа е постигнато по „ужасна цена“ додавајќи дека украинската одбрана во регионот останува силна.
Командантот на украинските копнени сили Олександр Сирскиј вчера изјави дека ситуацијата е мошне тешка, но украинските сили продолжуваат со контрнапади.
Двете страни се борат за контрола на патот западно од Бахмут, кој служи како последна витална линија за снабдување на украинските војници.
Доколку Бахмут падне, тоа може да ѝ отвори пат на руската војска кон поголемите градови на запад во Украина, меѓу кои и градот Карматорск.
Сепак, неколкумесечените борби за овој град, проследени со тешки загуби, според дел од воените аналитичари, имаат повеќе симболично отколку стратегиско значење.
„Овој обид, особено во Бахмут, имаше ужасно, ужасно висока цена. Русија ги исцрпи своите воени резерви и вооружени сили“,
рече Кирби.
Во ноември американски официјални лица излегоа со проценки дека бројот на жртви меѓу руските сили во првите осум месеци од војната бил повеќе од 100 000 мртви и ранети, што е на слично ниво со актуелните проценки кои се однесуваат за периодот од декември минатата до април оваа година.