Од Град Скопје обвинија дека претседателот на Советот, Трајко Славески, постапува спротивно на Деловникот и не ја става предлог-одлуката за набавка на екоавтобуси на дневен ред и со тоа, како што велат, го зголемува незадоволството на скопјани поради дотрајаните автобуси
Скопската градоначалничка Данела Арсовска ги повика советниците на ВМРО-ДПМНЕ да ја поддржат предлог-одлуката за набавка на нови екоавтобуси која, како што пишува во писменото соопштение испратено до медиумите, по 20. пат ќе се најде на гласање на следната седница на Советот на Град Скопје.

Од Град Скопје обвинија дека претседателот на Советот, Трајко Славески, постапува спротивно на Деловникот и не ја става предлог-одлуката за набавка на екоавтобуси на дневен ред и со тоа, како што велат, го зголемува незадоволството на скопјани поради дотрајаните автобуси.
„Единствена одговорност по повеќе од две години за недостатокот на автобуси во јавниот превоз имаат советниците од ВМРО-ДПМНЕ, кои се власт и мнозинство во Град Скопје и од кои зависи дали ќе има нови екоавтобуси и подобар превоз. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и лично ги ветуваше новите автобуси за скопјани, за кои дури најави дека преговара со компанија за набавка на 100 електрични автобуси, но повеќе од две и пол години тоа ветување не се реализира, како ни неговото ветување за вкупно 250 нови автобуси од програмата за Скопје која лично континуирано изјавува дека ја поддржува“,
велат од Град Скопје во писменото соопштение испратено до медиумите.
Со цел да се охрабрат да гласаат за набавка на нови еколошки автобуси, посочуваат од Град Скопје, градоначалничката на секоја седница на чиј дневен ред се наоѓа оваа точка на советниците од ВМРО-ДПМНЕ им предлага банката која ќе го финансира проектот и условите за набавка да ги изберат самите советници.
„Со реформирање на автобускиот превоз и сукцесивно обновување на возниот парк на ЈСП ‘Скопје’ со нови еколошки автобуси, ќе се реши проблемот за кој граѓаните постојано се жалат за нередовни автобуси, но нивните реакции нема кој да ги слушне бидејќи советниците од ВМРО-ДПМНЕ, кои се власт и мнозинство во Град Скопје, не гласаат за набавка иако тоа го ветуваа пред граѓаните на локалните изборите во 2021 година“,
се додава во соопштението на Град Скопје.
Предлогот за набавка на нови еколошки автобуси досега неколкупати се најде на дневен ред на седниците на Советот на Град Скопје, но не ја доби потребната поддршка од советниците.