Според информации од вчерашната средба на Заев со коалициските партнери, една од опциите е премиерот да ја напише оставката кон крајот на оваа или на почетокот на следната година, по декемврискиот Самит на ЕУ, а со оглед на очекувањата за надминување на блокадата од Бугарија, по парламентарните и претседателските избори на 14 овој месец
Втор ден по најавеното повлекување на Зоран Заев од премиерската функција, неговата оставка не е испратена во Собранието за да биде констатирана, по што би почнале да течат роковите за одредување нов мандатар за формирање нова влада. Иако коалициските партнери (ДУИ) ја оценија неговата најава за повлекување како избрзан потег, официјализирањето на оставката не се реализира толку брзо како што се очекуваше во прв момент.
Според информации од вчерашната средба на Заев со коалициските партнери, една од опциите е премиерот да ја напише оставката кон крајот на оваа или на почетокот на следната година, по декемврискиот Самит на ЕУ, а со оглед на очекувањата за надминување на блокадата од Бугарија, по парламентарните и претседателските избори во соседството на 14 овој месец, со што би се отворил простор за одредување на датум за првата меѓувладина конференција со С Македонија и со Албанија.
Учесници на средбата во Владата потврдуваат за „360 степени“ дека вчера се разговарало околу оваа тема, откако Заев, наводно, не отстапил од ставот за повлекување од премиерското место, и покрај обидите на дел од коалициските партнери, посебно од албанскиот блок, да го премислат.
Партнерите од владината коалиција вчера испратија порака дека парламентарното мнозинство е стабилно, наспроти најавите на опозицијата дека почнува разговори за формирање ново мнозинство. Соговорници од владејачката коалиција, исто така, велат дека на вчерашната средба се разговарало и за можно проширување на парламентарното мнозинство, наводно со Алтернатива, која има четири пратеници и досега беше во коалиција со Алијанса за Албанците. Наводно, Заев посочил дека веќе се преговара со Алтернатива, иако од оваа партија засега нема потврда за тоа.
Проценките се дека со евентуално приклучување на Алтернатива, за што, според информациите, не се противеле ниту ДУИ ниту Беса, ќе се стабилизира ситуацијата во овој собраниски состав, кој од самиот почеток се соочува со блокади од опозицијата и со проблеми со кворумот. Во прилог на тоа се посочува и на податокот дека збирот од гласови на советничките листи што ги освоија партиите кои се дел од владејачката коалиција се за околу 20 илјади повеќе од вкупното салдо на партиите кои се дел од парламентарната опозиција, која од друга страна освои повеќе градоначалнички места.
Универзитетскиот професор Борче Давитковски изјави денеска дека процедурите по оставката на Заев ќе потраат барем еден месец. Дотогаш, како што вели, функционира старата Влада сè до избор на нова.
„Проблемот е што ова првпат го гледаме во Македонија, да се даде оставка и од премиерска и од партиска функција и многу субјекти се затечени од оваа постапка. Претпоставувам дека со ова паѓа и Извршниот одбор, па и тој ќе мора да се собере по однос на ова прашање. Ќе мора под итно да работи капацитетно за да не ни се случи економска криза, здравствена криза, а паралелно да се решава и прашањето со Бугарија, но и да се одржуваат надворешно-политичките односи“,
изјави Давитковски за „Утрински брифинг“.
Кога Заев ќе ја официјализира оставката и на челното место во СДСМ, ќе почне да тече рокот од 15 дена за распишување вонредни внатрепартиски избори и за одредување датум за нивно одржување, за што засега, исто така, нема најави.
Од друга страна, наскоро сите општински организации на СДСМ ќе треба да поминат низ тест на доверба, по поразот што го претрпе партијата во повеќето општини. Статутот на СДСМ предвидува по локални избори задолжително да се одржат конференции на општинските организации на партијата, за анализа на изборните резултати, како и за гласање доверба на локалните раководства, согласно со резултатот во секој општина.
Пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, изјави денеска дека оставката на Заев е личен чин што во партијата го почитуваат, ама дека за тоа допрва ќе се дискутира во партиските органи. Таа, исто така, нагласи дека парламентарното мнозинство е стабилно, за што посочи на пораката што беше испратена по вчерашниот состанок на коалициските партнери во Владата.
Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ изрази сомневање дека Заев подготвува терен за да се повлече од оставките што ги најави.