Неверојатно е зошто во политичката партија ВМРО-ДПМНЕ не можат да разберат што навистина се случи во петокот, пишува во реакцијата од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски откако од опозициската ВМРО-ДПМНЕ го нарекоа циркусант и дека има тотално непознавање на законите, нормите и надлежностите во државата.

фото: архива
„Во нивното најново соопштение, освен примитивни дисквалификации по кои се препознатливи во јавноста, тие го критикуваат претседателот на државата затоа што побарал одговорност за организаторите на собирот на кој беше истакната карта на ‘Голема Албанија’, не беше интонирана македонската химна, ниту беше истакнато државното знаме! Очигледно, за оваа политичка партија се поважни надлежностите на општините и Градот Скопје, отколку заштитата на националните интереси на државата“,
стои во реакцијата од кабинетот на Пендаровски.
Инаку, од ВМРО-ДПМНЕ претходно во соопштение за Пендаровски напишаа дека е изгубен во просторот и во времето и дека само размислува како да им се додвори на ДУИ и СДСМ за поддршка за нов мандат и дека неговата реакција за случувањата во Чаир и Тетово е само глумење загрижен претседател.
„Со доверба некаде околку нулата, Пендаровски реши да каже нешто во јавноста правејќи се циркусант. Пендаровски, како претседател, докажа дека има тотално непознавање од законите, нормите и надлежностите во државата. Каква инспекција бара Пендаровски во Општина Чаир, кога општината нема никаква надлежност, туку таа надлежност ја има Градот, како и централната власт“,
рекоа од ВМРО-ДПМНЕ.
Денеска претседателот Пендаровски побара организаторите на јавните собири во Тетово и во Чаир да бидат законски санкционирани за кршењето на законските одредби во однос на употребата на државното знаме и химна и знамињата и симболите на заедниците, со целосно игнорирање на симболите на државата. Ги повика надлежните органи во најкус можен рок да ги завршат пропишаните постапки.
Во петокот косовскиот премиер Албин Курти беше во неофицијална посета на земјава. Во Општина Чаир присуствуваше на преименување на улицата „Втора македонска бригада“ во „Адем Демачи“. Во Тетово, пак, беше пречекан со целодневни активности и со настан на градскиот плоштад на кој се вееја многу знамиња на Република Албанија како и знаме со картата на т.н. голема Албанија.