Обраќање на седницата имаа техничкиот премиер Талат Џафери, министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерката за одбрана Славјанка Петровска и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ. Во своите засебни обраќања се осврнаа на тешките државнички одлуки кои биле донесени во поглед на пристапот на земјава во НАТО кои, како што кажаа, се инвестиција во безбедноста на државата
Верувам дека граѓаните се горди на глетката како знамето на С Македонија се развиорува пред седиштето на НАТО во Брисел. Тоа е слика на историјата и иднината во едно место. Горд сум што успеавме да испишеме таква историја – порача техничкиот премиер Талат Џафери кој денеска претседаваше со свечената седница на Владата во пресрет на утрешното одбележување на четиригодишнината од залченувањето на земјава во НАТО Алијансата.
Во своето воведно обраќање на седницата, Џафери се осврна на патот кој земјава го поминала сè до моментот на зачленување во НАТО, а започна во 1993 година со усвојување на резолуцијата македонското Собрание за членство на земјава во воената алијанса.
„Поминавме многу премрежија, активно придонесуваме во мировни мисии заедно со армијата на другите земји во Алијансата, за денес да бидеме почитувана и вреднувана членка која има свое место на масата за одлучување и е фактор на стабилност на Западен Балкан. Влезот во НАТО беше обезбеден со реформи и со Преспанскиот договор, со мудри и храбри државнички одлуки на тогашната Влада“,
рече Џафери и посочи дека членството на земјава во НАТО Алијансата ги обединило граѓаните во натпартиска и надетничка смисла и покрај политичките субјекти.
Низ призма на актуелните кризи во светот, Џафери ја анализира исправноста на, како што рече, сите тешки одлуки кои ја направија земјава рамноправна членка на воената алијанса. Во оваа насока кажа оти гледаме и слушаме за ужасите во светот, но без страв за нас оти, како што додаде, знаеме дека НАТО е најсилната безбедносна гаранција.
„Тоа е доказ дека секоја направена жртва вредеше“,
рече Џафери.
Османи: Зачленувањето дојде во вистински момент, пред почетокот на војната во Украина
По Џафери, на свечената владина седница свое обраќање и имаше и шефот на македонската дипломатија Бујар Османи кој нагласи дека зачленувањето на земјава во Алијансата дошло во вистински момент – пред почетокот руската агресија на Украина. Може само да замислиме, рече Османи, каква би била ситуацијата во регионот ако земјава во тој момент не била членка во НАТО во услови на, како што вели, империјални руски амбиции.
„Украина е само станица на тие амбиции на Русија и една од тие станици би бил Западниот Балкан“,
рече Османи, подвлекувајќи го придонесот на земјава во обезбедувањето стабилност и за помош за Украина.
Зборувајќи за важноста за зачленувањето на С Македонија во НАТО, Османи рече дека безбедносно прашање е и европската интеграција и додаде оти и Европската Унија, исто како и НАТО Алијансата, треба да продолжи со политиката на отворени врати зашто, како што рече, членството во Унијата веќе се гледа, пред сè, како безбедносно прашање кое ќе го консолидира регионот и во тој правец.
Храбрите одлуки се инвестиција во иднината на граѓаните и државата, порача Петровска
Нарекувајќи ја најголемата инвестиција во безбедноста, стабилноста и просперитетот на државата, министерката за одбрана Славјанка Петровска, пак, во своето обраќање на свечената владина седница рече дека за тоа се заслужни храбрите државнички одлуки, покажаната посветеност и професионалност.
„Храбрите државнички одлуки, кои ни овозможија на 27 март 2020 да постигнеме една од двете стратешки цели од нашето осамостојување до денес, се инвестиција во иднината на нашите граѓани и нашата држава“,
рече министерката за одбрана Славјанка Петровска.
Осврнувајќи се на придобивките од членството Алијансата, министерката посочи оти со пристапот во НАТО никогаш повеќе не може да стане збор за загрозување на безбедноста, суверенитетот и интегритетот на државата.
На денешната свечена седница на Владата се обрати и првиот вицепремиер за европски прашања Бојан Маричиќ со порака оти со неколкугодишното членство на С Македонија во НАТО во пракса најдобро се демантира скептицизмот, резервите и грчот од пред пет години.
Тешките одлуки донесени во поглед на членството во НАТО, како што рече Маричиќ, треба да бидат потсетник за нивната вредност за граѓаните и државата. Додаде дека тешките одлуки кои треба да се донесат и во однос на пристапот на земјава во НАТО сигурно ќе ги чинат политичарите, но дека граѓаните ќе бидат благодарни.
С Македонија се приклучи и стана 30. членка на НАТО Алијансата на 27 март 2020 година.