Маричиќ останува на позицијата заменик-претседател на Владата задолжен за европски прашања, на која беше и во владата на Димитар Ковачевски, додека Груби, кој претходно ја извршуваше оваа функција, од денеска е вицепремиер задолжен за координација на политички прашања на ресорите и министер за политички систем и односи меѓу заедниците
На првата седница на новоформираната преодна влада, премиерот Талат Џафери ги определи своите заменици, односно вицепремиери, соопштија попладнево од владината прес-служба.
Според соопштението, нема промена во бројот, како и во имињата на замениците на премиерот, освен во рокадата на функцијата прв вицепремиер, која беше воведена по изборите во 2020 година, а на која сега, како што веќе беше познато, седнува Бојан Маричиќ на местото на Артан Груби.
Маричиќ останува на позицијата заменик-претседател на Владата задолжен за европски прашања, на која беше и во владата на Димитар Ковачевски.
Груби, пак, се наведува во соопштението, ќе биде вицепремиер задолжен за координација на политички прашања на ресорите и министер за политички систем и односи меѓу заедниците.
„Унапредувањето“ на Маричиќ во прв вицепремиер, како што објави „360 степени“ на 25 јануари, три дена пред изборот на техничката влада во Собранието, како кадар на СДСМ, е нивелирање на силите во извршната власт бидејќи на чело на преодната влада е Џафери, кој е кадар на ДУИ.
На останатите две вицепремиерски места остануваат Фатмир Битиќи, како заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори и инвестиции, и Славица Грковска како вицепремиер задолжен за политики за добро владеење.
Премиерот Талат Џафери денеска ја отвори конститутивната седница на новоформираната преодна влада честитајќи им го изборот на сите министри.
Тој изрази очекување дека сите членови на владата посветено ќе работат во интерес на граѓаните.
„Тука сме и да обезбедиме редовно функционирање на институцијата, соработка и инклузивност. Од оваа влада очекувам ефикасност и таа да е во функција на интересите на граѓаните, транспарентна и отчетна. Очекувам сите членови на Владата да го вложат целото свое знаење и искуство и посветено ќе работат во интерес на граѓаните и сите предизвици пред нас ќе ги надминеме заедно, отворено и професионално. Ви посакувам многу успех во работата“,
рече премиерот Џафери.
На конститутивната седница на преодната влада, присутен беше само еден од министрите од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
На неа не беше присутен министерот за труд и социјална политика Ѓоко Велковски, кој во изјава за „360 стени“ рече оти не се работи за бојкот на работата на првата владина седница, туку дека на неа не се појавил поради веќе закажана активност во Куманово.
„Доцна ја добив поканата за конститутивната седница на Владата и бидејќи веќе имав договорена средба во Куманово, не можев да стасам на седницата. Во Куманово, на социјално загрозено семејство беше договорено да му дадеме социјален пакет. На работниот дел од владината седница не отидов бидејќи на дневен ред немаше точки од ресорот труд и социјала, но на седницата присуствуваше заменик-министерот Енвер Хусеин“,
рече министерот за труд и социјална политика Ѓоко Велковски.