Граѓаните носеа голем транспарент на кој пишува „Косово е срцето на Србија, а Метохија е душата“, а носеа и српски знамиња и помали крстови

Околу стотина граѓани се собраа на протест организиран од десничарските опозоциски партии пред Претседателството на Србија во Белград. Тие пешачеа низ централните градски улици до Руската амбасада, а потоа до храмот Свети Сава. Тие бараа од претседателот на Србија Александар Вучиќ да ја „промени политиката“ на Србија кон Косово и да ги прекине преговорите што се водат во Брисел.
Демонстрантите, како што пренесува српскиот портал Н1, побараа поништување на договорите од Брисел и Вашингтон и враќање на сите надлежности и органи на српската држава на Косово и Метохија.
Второто барање е излез од преговарачката рамка под покровителство на Европската унија и враќање на преговорите под покровителство на Обединетите нации со учество на Русија и Кина.
Тие побараа од претседателот на Србија да испрати писмо до претседателите на Русија и Кина, Владимир Путин и Си Ѓинпинг, во кое ќе побараат од нив да стават вето на влезот на Косово во Обединетите нации.
Демонстрантите извикуваа „Косово е Србија“, а при обраќањето на Младен Обрадовиќ до Вучиќ беа испратени погрдни пораки. Насобраните рекоа дека на Косово е во тек „сафари“ и „лов на Срби“.
Граѓаните носеа голем транспарент на кој пишува „Косово е срцето на Србија, а Метохија е душата“, а носеа и српски знамиња и помали крстови.
Насобраните ги носеа транспарентите „Во Призрен утре и засекогаш“, „Нема предавање“, „Косово ќе предаде само кукавици“, а на митингот свиреа српски народни песни посветени на Косово и Метохија.
Беше организирана протестна прошетка низ централните белградски улици до Руската амбасада, од каде учесниците скандираа „Браќа Срби и Руси засекогаш“.
Протестот заврши кај црквата Свети Сава. Помина без инциденти, со слабо присуство на полицајци во униформи.