Обвинение за случајот „Рекет 2“ може да се очекува на почетокот на јануари, најави денеска обвинителката Вилма Русковска, пред да се вклучи во еко-акцијата за чистење.
„Се надевам на почетокот на јануари“, одговори Русковска на прашањето кога може да се очекува обвинение за случајот со работата на невладината организација Меѓународен сојуз.
Во истрагата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, осомничени се Меѓународниот сојуз, како правно лице, и пет физички лица: претседателот на невладината Бојан Јовановски – Боки 13, неговиот татко Миле Јовановски, асистенката Христина Блажевска, заменик-претседателката на Сојузот Јасна Мандиќ и пратеничката и потпретседателка на Собранието, Фросина Ременски. Првиот случај од аферата „Рекет“ е веќе во фаза на судење и досега се одржаа три рочишта.
Русковска рече дека истрагата за Меѓународниот сојуз привршува, а вчера и во четвртокот одбраната правела увид во доказите.
„Од понеделник ќе почнат со давање искази“, кажа обвинителката.
Вчера во обвинителството беше Ременски, која кога заврши со увидот излезе од службениот влез за што Русковска вели дека треба да се праша претседателката на Апелацискиот суд – Скопје или некој друг од судот.
„Тоа е зграда на Апелацискиот суд. Ние сме таму одамна, но привремено сме сместени, така што ќе треба да ја прашате дали претседателката на Апелацискиот суд или некој друг, за тоа кој отворил. Сигурно нема да отворат ако им кажам јас“, изјави обвинителката.
Ременски во истрагата е осомничена за помагање во кривичното дело измама.
Првоосомничен е Боки 13 и тој е под истрага за две дела – за перење пари и други приноси од казниво дело и за измама.
Јовановски се сомничи дека измамил две градежни компании на тој начин што ги лажел дека ќе обезбеди државно земјиште за да се изградат центри за возрасни лица и мобилен сервис, а потоа ќе обезбеди и државни субвенции. Така, од едната фирма преку авторска агенција добил околу 720.000 евра, а од другата околу 230.000 евра.
Ременски, пак, според обвинителството одела на средбите што ги организирал Боки.
„Лицето како функционер, заедно со првоосомничениот присуствувало на средбите организирани од првоосомничениот, при што го искористило својот углед и авторитет и оштетените стекнале впечаток дека зад понудените проекти стои извршната власт“, наведоа од обвинителството.
Јасна Мандиќ, Миле Јовановски и Христина Блажевска, пак, се осомничени за помагање во делата перење пари и измама.
Според Законот за кривична постапка (ЗКП), пред да заврши истрагата обвинителството мора да ги испита осомничените. За завршување на истражната постапка обвинителот го известува осомничениот дека неговата одбрана има право во рок од 15 дена да поднесе исправи или други докази или да бара обвинителот да собере определени докази. Ако има такво барање, обвинителот е должен тоа да го заврши во рок од 30 дена.
ЗКП предвидува дека кога ќе заврши истрагата и ќе истечат овие рокови, обвинителството во рок од 15 дена треба да поднесе обвинение или да ја запре постапката. Овој рок може да трае и 30 дена ако станува збор за кривични дела од областа на организираниот криминал.