За време на престој на плажа задолжителното е носење лична заштитна опрема на лицето, физичка дистанца од 1,5 – 2 метри, често миење на рацете со вода и сапун, и редовно чистење и дезинфекција на околината на плажите, точно и видливо информирање на посетителите со информативно – едукативен материјал за посетителите во однос на почитување на основните превентивни мерки и начинот на однесување, како и со гласовно информирање за придржување кон препораките.
Ова е дел од содржината на Протоколот за работата на плажите во тек на пандемија со ковид-19 што попладнево го увои Владата.
Препораките опфаќаат правила за однесување на плажите кои се однесуваат на сите вработени лица и посетителите за лична заштитна опрема на лицето која што ги покрива пределот на носот и устата, достапни и видливи места за средства за дезинфекција на рацете, физичка дистанца од 1,5 – 2 метри, вклучително и при престој во вода, како и ограничување на бројот на посетители на плажата согласно квадратурата, односно максимум 15 посетители на 100 м² нето површина.
На плажите е задолжително меѓу индивидуалните чадори да се обезбеди минимално растојание од 4 метри, растојание од 1,5 – 2 метри помеѓу лежалките поставени под соседни чадори. Лежалките задолжително да се дезинфицираат пред и после користењето на секој посетител, а секое лице задолжително да постави пешкир на лежалката пред да ја употреби.
Се забрануваат групните спортови (како одбојка на плажа), и задолжително е одредувањето лица кои ќе го контролираат бројот на посетители и спроведувањето на мерките.
На плажите не се препорачува користење на гардероби на плажа.