Србија и српскиот народ му посакуваат многу среќа и успеси на македонскиот народ и на сите други граѓани на Република Северна Македонија и да даде Бог на овие простори да не летаат воени авиони со воени задачи, туку сѐ да биде во рамките на аеромитинзи, изјави министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, на аеромитингот на спортскиот аеродром Стенковец во близина на Скопје
Аеромитингот во Скопе е јасен показател за интересот на државите, стопанствата и граѓаните од овие подрачја за воспоставување уште подобри меѓусебни врски, но и за свеста за заедничката одговорност во зачувувањето на мирот и безбедноста како предуслови за забрзан економски и општествен развој. Ова денеска го изјави српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ на одбележувањето на 100-годишнината од македонската авијација што денеска се одржа на спортскиот аеродром „Стенковец“ кај Скопје.
„Одбележувањето на 100-годишнината од македонската авијација во Скопје е добра пригода ги ставиме во погон сите неискористени потенцијали кои без сомнеж постојат за натамошен уште посестран и обострано корисен развој на нашите односи. Нашите две земји имаат братски односи, како и одлична соработка во рамките на иницијативата Отворен Балкан и на другите регионални форуми“,
рече Дачиќ.
Со денешниот настан праќаме политичка порака дека нашите земји се определени за дополнително зајакнување на односите за попросперитетна иднина на нашите граѓани, рече тој.
„Србија и српскиот народ му посакуваат многу среќа и успеси во сѐ што сакаат на македонскиот народ и на сите други граѓани на Република Северна Македонија и да даде Бог на овие простори да не летаат воени авиони со воени задачи, туку сѐ да биде во рамките на аеромитинзи за луѓето да можат да уживаат во мирот и просперитетот. Ви посакувам сѐ најдобро и забрзан пат во ЕУ“,
порача Дачиќ.
Посочи дека во подготовките за одбележување на јубилејот учествувало и Министерството за одбрана на Србија кое на организаторите на аеромитингот им ја отстапи едрилицата „Илинденка“, прво летало произведено на македонска територија во 1955 година според проект на познатиот српски инженер Милош Илиќ.
На аеромитингот посетителите можеа да се запознаат и со современите капацитети на Военото воздухопловство и противвоздушната одбрана на Војската на Србија преку акробатскиот лет на школскиот авион „Ласта“ и хеликоптерот Н145М, како и со прелетот на два суперсонични авиони МИГ-29.