Во однос на тоа што ќе се случи доколку Уставниот суд донесе решение дека Законот за данок за солидарност е неуставен и дали уплатените средства ќе им бидат вратени на компаниите, Лукаревска рече дека одлука за постапување ќе донесат кога ќе го видат известувањето од Уставен и зависно од тоа какво ќе биде

Управата за јавни приходи на 6 ноември ќе достави опомени до оние компании кои го немаат платено данокот на солидарност, а доколку и потоа нема направено уплата на 24 ноември веќе ќе се пристапи кон блокирање на нивните сметки. Ова денеска го најави директорката на Управата за јавни приходи (УЈП) Сања Лукаревска на прес-конференција на која информираше за податоците од даночните пријави на граѓаните за 2022 година.
„Бидејќи рокот беше до 25 октомври, за сите оние кои немаат направено плаќање на данокот на солидарност ќе преземеме мерки согласно законот за даночна постапка, односно согласно нашиот календар на 6 ноември веќе ќе ги доставиме опомените, а доколку и потоа нема направено уплата на 24 ноември веќе ќе пристапиме кон блокирање на нивните сметки“,
рече Лукаревска одговарајќи на новинарско прашање.
Според податоците што ги презентираше Лукаревска пријавена обврска за плаќање на данокот на солидарност имале 150 даночни обврзници. Лукаревска рече дека вкупната сума на средства што се уплатени заклучно до денес е 2 210 108 927 денари.
„Најнискиот износ на платен данок на солидарност изнесува 39 342 денари, додека највисокиот поединечно платен износ за данокот на солидарност изнесува 257 293 088 денари. Имаме само од страна на еден даночен обврзник направено пребивање со повратот на ДДВ во износ од 42 259 181 денар“,
додаде Лукаревска.
На прашањето колку од тие 150 даночни обврзници досега не платиле и дали меѓу нив има јавни претпријатија, Лукаревска рече дека уплата имаат направено 99 обврзници и потврди дека во останатите што го немаат подмирено долгот има јавни претпријатија.
„Согласно Законот за даночна постапка не би можеле да ги објавиме сите оние компании коишто се должници по основ данокот на солидарност, надвор од рокот. Меѓутоа да, има и јавни претпријатија кои сè уште го немаат исплатено долгот“,
рече Лукаревска.
Лукаревска додаде и дека на даночните обврзници кој ги опфаќа данокот на солидарност им бил објаснет начинот на плаќање односно дека тоа може да го направат на три рати заклучно до крајот на 2023 година или со еднократно одлагање до крајот на декември меѓутоа и таму, како што рече Лукаревска, треба да важат правилата дека или со банкарска гаранција или со движен или недвижен имот со кој Управата за јавни приходи би ставила соодветен залог.
Во однос на тоа што ќе се случи доколку Уставен суд донесе решение дека Законот за данок за солидарност е неуставен и дали уплатените средства ќе им бидат вратени на компаниите, Лукаревска рече дека одлука за постапување ќе донесат кога ќе го видат известувањето од Уставен и зависно од тоа какво ќе биде.
Стопанската комора на Северна Македонија на 13 октомври поднесе Иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за данок за солидарност пред Уставниот суд, со предлог за донесување решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија донесени врз основа на оспорениот Закон, до донесување на конечната одлука.
Законот за данок на солидарност помина на Владата кон средината на јули, а Собранието го донесе на 19 септември по скратена постапка, со европско знаменце.
Законското решение наиде на остри реакции кај бизнис-заедницата. Од Стопанската комора тогаш излегоа со став дека Законот е погубен и деструктивен за целиот бизнис и стопанството во државата. Оттаму реагираа и на тоа што при неговото носење не биле земени предвид забелешките на тие што треба да го плаќаат данокот.
Министерство за финансии, кое беше предлагач на Законот, во негова одбрана посочуваше дека станува збор за еднократно, вонредно и привремено решение кое се носи во услови на криза и кое ќе донесе само позитивни ефекти.
Данокот за солидарност се однесува на сите компании кои минатата година оствариле приход поголем од 10 милиони евра и имаат поголема добивка за 20 отсто од четиригодишниот просек. Разликата во приходите кои го надминуваат просекот ќе им биде оданочена со 30 отсто. Со оваа еднократна давачка се очекува во буџетот да се соберат средства кои би се искористиле за антикризни мерки.