Уште десетина од истрагите што ги отвори Специјалното јавно обвинителство (СЈО) треба да се распределат во редовните обвинителства кај надлежен обвинител.
„Уште 9-10 истраги не се распределени, приоритет им дадовме на предметите за кои се почнати судските постапки“, рече републичкиот обвинител Љубомир Јовески при денешната промоција на новата веб-страница на Јавното обвинителство.
Преземањето на предметите од СЈО дојде откако Катица Јанева си поднесе оставка, а потоа стана и осомничена во случајот „Рекет“.
Една од првите истраги преземени од СЈО што беа распределени беше случајот „Империја“, кој остана во рацете на обвинителката Лиле Стефанова.
Десетината истраги што не се распределени, Јовески очекува да се распределат до крајот на месецот.
Покрај тоа што редовното обвинителство ги презема истрагите, предистрагите и случаите во судска постапка, републичкиот обвинител би можел да ги преземе и надлежностите на Катица Јанева, бидејќи оваа институција е заглавена веќе три месеци затоа што од септември нема кој да потпише да се исплатат платите на околу 90 вработени, да се платат сметки итн.
Овластувањата Јовески ќе ги добие преку измени на Законот за јавнообвинителска служба. Измените се пуштени во Собрание и треба да се најдат на дневен ред на седница на 11 месецов. Предлогот е поднесен од пратеници од СДСМ и од ДУИ со цел државниот обвинител да добие овластување да ги потпишува налозите за сите трошоци на СЈО.
За ова прашање Јовески е воздржан и посочува дека предлогот ќе се разгледува и ќе се создадат услови кој да одлучува, а дотогаш секој коментар би бил прејудицирање.